ЕРОПЕЈЦИТЕ ЌЕ ПЛАЌААТ ЦАРИНА ЗА ПРАТКИТЕ ОД „ТЕМУ“, „ШЕИН“ И „АЛИ ЕКСПРЕС“ Се укинува царинското ослободување за пратките до 150 евра

Во образложението на Советот за предлагање на измените на правилото за наплата на царини се наведува дека на овој начин ЕУ има за цел да создаде „еднакви услови“ за работа помеѓу странските и европските онлајн трговци на мало. 

230

Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ иницира измена на Регулативата за царини, со која би се укинало сегашното правилото за ослободување од царински давачки при увоз на стоки од трети земји во Унијата, чија вредност е до 150 евра.

Според предлогот на министрите за финансии на земјите членки на ЕУ, ваквата одлука би требало да биде усвоена „што е можно побрзо“ за да може да стапи во сила уште во текот на 2026 година.






Тоа во пракса ќе значи дека по усвојувањето на измените жителите на ЕУ за секоја нарачка од кинеските сајтови за електронска трговија Тему, Шеин или Али Експрес ќе мора да плаќаат царини согласно утврдените царински давачки што важат за сите стоки што се увезуваат во Унијата.

Сега за пакети на производи во вкупна вредност до 150 евра нарачани преку кинеските онлајн продавници, жителите на ЕУ не плаќаат царини.

Првично беше предвидено ова правило да биде укинато по стапувањето во функција на Царинскиот центар на ЕУ. Станува збор централизирана платформа на ЕУ за интеракција на царинските управи на земјите членки и за зајакнување на контролите на увозот на стоки, која се очекува да стане оперативна во 2028 година во рамки на пошироката реформа на Царинската рамка на ЕУ.

Во образложението на Советот за предлагање на измените на правилото за наплата на царини се наведува дека на овој начин ЕУ има за цел да создаде „еднакви услови“ за работа помеѓу странските и европските онлајн трговци на мало.

Според податоците на Европската комисија, во 2024 година 65% од 4,6 милијарди пратки што влегле во ЕУ биле ослободени од царински давачки, при што дури 91% од нив биле на стоки од Кина нарачани преку сајтовите за е-трговија.

Европските трговци тврдат дека ваквата практика им создава проблем со нелојалната конкуренција, а дополнително покренува и загриженост за заштитата на животната средина.

Поврзани содржини