ДВОЈНИ ДОГОВОРИ ГО СТАВИЛЕ ВАРДАР ПОД ИСТРАГА НА УЕФА Клубот платил 250.000 евра за да избегне суспензија
Најтрофејниот македонски клуб се соочил со сериозен ризик од европска суспензија поради спорни договори потпишани во сезоната 2023/24. Сегашното раководство соопшти дека е платена казна од 250.000 евра и дека клубот ќе биде под засилен мониторинг во следните три години.
Вардар бил под истрага на УЕФА цели 10 месеци по пријава поврзана со двојни договори и двојно книговодство, соопшти на брифинг извршниот директор Миленко Неделковски. Според него, клубот бил исправен пред реална опасност да биде исфрлен од европските натпреварувања. Случајот се однесувал на сезоната 2023/24.
Неделковски објасни дека постапката била покрената по пријава од поранешните фудбалери Глишиќ и Мартин Блажевски. УЕФА истражувала дали биле потпишувани двојни договори, практика што е строго забранета според европските правила.
– Десет месеци имавме процес со УЕФА. Се однесува за фалсификувани двојни договори и двојно книговодство. Имаше пријава од двајца играчи, Глишиќ и Мартин Блажевски. Постигнавме договор да платиме казна од 250.000 евра и засилен мониторинг. Ако во следните три години го повториме овој прекршок, ќе бидеме суспендирани од натпреварувањата на УЕФА. Ова се дела сторени пред да дојде новата управа, во сезоната 2023/24. Ние покренавме постапка против непознат сторител за извршување на тие нелегални активности – рече Неделковски.
Казната платена, опасноста останува
Според договорот со УЕФА, Вардар ќе биде под посебен надзор во следните 3 години. Нов прекршок од ист вид би можел да донесе автоматска суспензија од европските натпреварувања.
Раководството тврди дека спорните активности не биле направени во нивниот мандат. Поради тоа, клубот веќе покренал постапка против непознат сторител.
Неделковски истакна дека финансиската состојба денес е значително поинаква од претходно. Според неговите зборови, клубот бележи позитивни резултати и надвор од теренот.
Од шампионска титула до добивка од 700.000 евра
Вардар сезонава ја освои шампионската титула во Македонија по пауза од шест години. Покрај спортскиот успех, раководството се пофали и со позитивен финансиски биланс.
– Во 2025 година Вардар заврши со добивка од 700.000 евра, што само ја покажува разликата во работењето тогаш и сега – додаде Неделковски.