Кица Колбе, Author at plusinfo.mk

Енигмата национален идентитет
Тоа што на викендов бев во мојот омилен турски дуќан за зеленчук да купам зелени пиперки за пинџур, исти како македонските, нема никаква врска со стереотипните асоцијации на една еврокомесарка за македонскиот национален идентитет, туку од потребата да ги зготвам презреаните домати. На касата му открив на љубезниот млад продавач дека сум родена во Македонија и дека многу зборови за зеленчукот, но и за јадењата во македонскиот јазик имаат турски имиња, понекогаш само малку видоизменети. Така тој рече бибер, а јас пиперки. Потоа му кажав за леблебијата, за патлиџаните, за бурекот, а на крај ја спомнав и ладната боза, веројатно затоа што во саботата беше неверојатно топол ден во Келн. Секако, и овој млад Турчин, кој според извонредниот германски сигурно беше роден во Германија, ја знаеше Македонија. Затоа што како и многу други Турци, со кои сум зборувала досега на таа тема, и тој очигледно ги гледал омилените телевизиски серии во Турција за османлиската Македонија. Од некои дознав дека тие серии за Македонија биле многу омилени кај оние Турци чии предци некогаш живееле во Македонија. Секако, го потсетив дека Кемал Ататурк бил роден во Солун, а посетувал воена академија во Битола. И тоа тој добро го знаеше. Заклучивме дека и во Турција и во  Македонија исто го нарекуваме зеленчукот од кој готвиме пинџур и ѓувеч, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Чувство на припадност

Притоа ми стана јасно зошто нема право Марта Кос. Бидејќи тоа што мене ме прави Македонка, а младиот германски Турчин, Турчин, не е тоа што имаме  идентичен кулинарски „идентитет”. Toa e нешто што само тој го познава, само јас го познавам најдобро, а другите често го доживуваат како недофатливост, како тајна. Затоа што нацијата не е биолошка категорија, но нешто многу живо. Таа го отсликува духовното искуство и сеќавање, симболите и посебното чувство за себе, и за многу други нешта, кои ги доживеал еден народ или една заедница. Затоа за тие што не го делеле тоа колективно искуство и сеќавање, туѓата националност навистина често останува таинствена. Можеби тоа е таа необјаснива привлечност на посебностите на националните култури, кога кон нив се однесуваме со восхит и прифаќање.

Ова, пак, значи дека тоа што денес лежерно се редуцира во бриселскиот бирократски жаргон на поимот „идентитет” е многу повеќе од тоа по што сме познати во светот според туризмот и кујната. Тие нешта се дел од нашата традиција, но не ја изразуваат посебноста на чувството на припадност во кое се препознаваме. А националниот идентитет значи токму тоа – препознавање на нешто како еднакво со својата слика за себе, како роднинско и блиско. Се разбира, тоа чувство на припадност се формира низ многубројни процеси во секоја национална култура и образование. Затоа, пред да зборуваме за македонскиот пинџур, треба да сме сигурни дека соговорникот знае што е посебноста на Македонците, што е нивниот национален идентитет. Не кулинарски, не културен, не туристички, туку национален идентитет. А првиот услов на таа посебност е јазикот на кој зборуваме – мајчиниот јазик. Треба да сме сигурни дека кога ќе кажеме Македонци, соговорникот знае дека тие не се ниту Бугари, ниту Грци и ниту Срби, како што тие порано биле прикажувани во националните наративи на овие народи.

Негација на македонскиот национален идентитет

Меѓутоа токму таа посебност на македонскиот национален идентитет во овој миг ја негира анахроната бугарска политика. Не е утеха увереноста на многу македонски леви интелектуалци дека националниот идентитет нема повеќе значење, па затоа било релаксирачки да зборуваме за  идентитетот на пиперките.  Се разбира, карикирам за да се разбере парадоксалноста на ситуацијата кога вие чекате разбирање од претставничка на исто толку мал народ како македонскиот, кој исто долго немал своја национална држава, а таа ви раскажува за кулинарство. Секако, секој од нас има право да смета дека за него нацијата нема значење. Но тој може да го практикува тоа само кога таа не е негирана од друг, особено од позиција на моќ. Особено кога се работи за малечка многуетничка држава како македонската, од голема важност е другите да се запознаени со особеноста на македонскиот национален идентитет. Впрочем, тој еден ден треба да стане  дел од заедничкиот европски идентитет на ЕУ.  Кога Македонците ќе бидат ЕУ-граѓани, тогаш и тие лежерно ќе зборуваат за пиперки, а ќе мислат на националниот идентитет. Како што Марта Кос може шармантно да зборува за пиперки и грав, бидејќи се наоѓа во привилегираната положба на членка на  ЕУ,  во која нејзиниот национален идентитет е заштитен. Никој нема да се осмели да и‘ рече дека Словенците до 1918 биле Австријци, бидејќи биле поданици на австроунгарското царство, како што тврди актуелната бугарска политика за Македонците. Тогаш бездруго и таа нема да се согласи дека словенечкиот идентитет се кнедлите и штрудлите кои, патем, се омилени јадења и кај Австријците и кај Германците.

Главен проблем – „македонизмот”

За да биде иронијата уште поголема, само ден по нејзината изјава еден висок бугарски политичар изјави дека  главниот проблем за Бугарија е „македонизмот”.  Тој политичар  не се крие зад неутралната флоскула „идентитет”,  туку јасно назначува дека се работи за „македонизмот”. Патем, поимот „македонизам” е навредлив за Македонците, затоа што сугерира дека не се работи за вистинска национална припадност, туку за политичка идеологија и пропаганда. А нашата македонска националност е посебноста по која светот не‘ препознава како Македонци. Нацијата е секогаш поврзана со национална држава, независно дали таа е мултиетничка или моноетничка. Националниот идентитет или нацијата се обликуваат во целост само во националната држава. Затоа и македонскиот национален идентитет во минатото не можеше целосно да се манифестира без заштитата што ја нуди сопствената национална држава. Кога формира своја национална држава, секој народ самиот одлучува кои настани и личности од колективното историско паметење ги смета како важни за својата национална парадигма, а кои за неважни. Токму затоа е реакционерно и опасно за стабилноста на ЕУ кога политичари на земји-членки, како  Бугарија,  застапуваат тези за македонската нација кои се многу слични на рускиот културен империјализам, според кој не постојат Украинци затоа што пред создавањето на државата Украина, во Советскиот Сојуз, тие биле Руси. Како и Македонците, и Украинците можеле целосно да ја остварат својата посебност на јазикот и културата само во сопствената национална држава.

Многу леви македонски интелектуалци националниот идентитет го асоцираат со ретроградност и национализам. Меѓутоа, токму Алајда Асман, најпознатата германска теоретичарка на „културното паметење”, уште пред неколку години укажа на опасноста, во таква констелација, „нацијата да им се препушти на националистите”. Таа опасност произлезе од тоа што долго време модерното толкување на колективното паметење ја сметаше нацијата како надминат поим. Притоа, Алајда Асман истакнува дека ние сите и денес живееме во посебни нации и дека досега не е најдена замена за нацијата. Многу значајно за македонската интелектуална клима е нејзиното укажување дека кога размислуваме за нацијата треба секогаш да знаеме дека се работи за искуства и за чувства. Односот кон нацијата зависи од тоа што таа искусила во минатото. Според Асман, тоа што многу германски интелектуалци се откажаа од поимот нација, има врска со историското сеќавање на Третиот Рајх. Што значи, размислувањето, но и стравовите на Македонците кога се работи за нивната националност, во голема мера зависат од македонското историско сеќавање на асимилацијата во минатото од различни хегемонијални центри. Сите знаеме дека жестоките политики на асимилација се дел од секое македонско фамилијарно паметење.

Згора на тоа, кога ќе прочитате дека Македонците кои добиваат бугарско државјанство денес мораат да потпишат изјава според која нивните предци биле Бугари, секако дека неминовно се прашувате какви средства на асимилација се применувани врз Македонците во времето кога тие немаа национална држава. Кога ќе прочитате дека бугарската држава на кандидатите за бугарско државјанство им издава една иста „службена адреса”, на која се регистрирани 40.000 луѓе, тогаш неминовно се прашувате дали таквата државна „берза на идентитети” е во духот на ЕУ. За жал, дискусиите за изјавата на Марта Кос уште еднаш ја покажаа и трагичната поларизираност дури и на македонската интелектуална јавност. Кај многу македонски интелектуалци веднаш се препознава партиската пристрасност. Тие што се блиски на социјалдемократите, во изјавата на Кос гледаа постколонијално ослободување од поимите нација и националност, а блиските на конзервативните „патриотски” партии во неа добија уште еден доказ „дека ЕУ не не‘ сака”. Ваквата жестока поларизираност на интелектуалната јавност во Македнија не дозволува толерантна расправа во која со студена глава и со критичка мисла би се согледале можностите за надминување на кризата.

The post Енигмата национален идентитет appeared first on plusinfo.mk.

„Колективна терапија“ за Македонците (прв дел)
Деновиве прочитав на веб-страницата на „Фондацијата Зоран Ѓинѓиќ“ дека кога тој се вратил од Германија во Србија, говорел за потребата од „колективна терапија за српскиот народ“ по угледот на германското соочување со своето минато. Тој како „колективна терапија“ ги подразбира долгогодишните филозофски, воспитно-образовни, научно-историски, културни и политички процеси во германското општество, во кои беше критички преиспитано германското минато и во него доминантните национални митови. Тие процеси започнаа на крајот на шеесеттите, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

За да се согледа која е главната карактеристика во однесувањето на народот по историските катастрофи, за „колективната терапија“ во Западна Германија беа суштествени погледите на интелектуалците кои пред Хитлерова Германија беа емигрирале во Америка. Тие во американскиот егзил се беа стекнале со искуство во слободната парламентарна демократија. Најголемиот дел од нив беа германски Евреи. Тие се вратија во Германија и по една деценија го поттикнаа соочувањето со минатото. Една од клучните студии за германскиот „национален карактер“ беше книгата на психијатрите Маргарете и Александар Мичерлих, „Неспособноста да се тагува“. (Die Unfähigkeit zu trauern).

Според двајцата Мичерлих, Германците, наместо по војната да тагуваат за тоа што се случило, го „потиснаа“ сеќавањето на минатото, и јавно и приватно, со преголемиот елан за обнова на земјата. Тоа сознание беше едно од многуте кое ги мотивираше Западните Германци критички да ги рефлектираат менталните урнеци низ кои се објаснувале и доживувале историските порази и траумите во своето минато.

Кога се работи за Србија, Ѓинѓиќ вели дека „Србите треба тоа соочување да го сторат самите“. Соочувањето со минатото значи самите себеси да се ставиме „под лупата на критичкиот разум“. Зоран Ѓинѓиќ, најевропскиот српски премиер, убиен во атентат 2003, беше мој колега, филозоф од мојата генерација во Југославија, кого го запознав уште како студентка на собирот на студентите по филозофија од југословенските универзитети во Скопје 1973. Една година подоцна и двајцата ги завршивме студиите по филозофија и се запишавме на постдипломските студии во Белград. Двајцата нѐ привлекуваше германската филозофија, пред сѐ „критичката теорија“. Зоран го сакаше Хабермас, јас Адорно. Тој на постдипломските во Белград често споменуваше дека сака да замине на докторски студии во Германија, кај Хабермас, како што и стори, во 1977. Неколку години подоцна и јас заминав во Германија од семејни причини. Обајцата дефинитивно нѐ обликуваше германската култура и општество. Без критичкото соочување со траумата од војната во филозофијата на Адорно, немаше никогаш да ја најдам парадигмата да ја промислам траумата од војната во мојата семејна биографија, што го сторив 1999-тата во книгата „Егејци“.

Соочување со минатото

Вратен во Србија во деведесеттите, Ѓинѓиќ истакнува дека доколку не дојде до таква „колективна терапија“ на српскиот народ, тој постојано ќе ги повторува грешките од минатото и ќе ги зголемува „колективните“ трауми. Тоа сознание го имам со години и за македонскиот народ. Затоа од почетокот на мојот живот во Германија ме фасцинира сложениот процес во германското општество наречен „Vergangenheitsbеwältigung“. Овој типично германски јазичен композитум го опишува процесот на критичко соочување со минатото, сознавање на сопствените историски и национални грешки и надминување на минатото преку промена на свеста, со помош на критичкото промислување на типичните мисловни шеми и националните митови.

Сиве овие години, врз примерот на Германците, постојано и јас размислував за неопходноста од таква „колективна терапија“ и за Македонците. Во Македонија еден ден мора да започне тој критички проект на соочување со нашата слика за минатото. Треба да се анализира македонскиот начин на доживување на поразите и на историските трауми. Промената во мислењето и однесувањето на една заедница, општество и народ, се одвива преку индивидуалното соочување, меѓутоа, како составен дел на еден општествен, културен и интелектуален критички дијалог на сегашноста со минатото.

Тоа е белегот на модерните демократски општества како германското. Патријархалните и авторитарните општества не гледаат критички на минатото, зашто тоа им треба како инструмент во манипулацијата со сегашноста. Минатото за нив станува мера за сегашноста не како критичко сознание, туку како идеализиран мит и култ, во кои сегашноста е заробена и осудена слепо да ги повторува постојано истите грешки. Секој народ може да ја промени сегашноста само кога ќе сознае што било погрешно во постапувањето и мислењето во минатите порази и историски трауми кај предците. „Колективната терапија“ помага еден народ да почне да извлекува критички поуки од минатото, за да почне да постапува поинаку во сегашноста. Меѓутоа, за да се лекуваат „раните“ од минатото, тие треба да се сознаат и да се „отворат“. Тие треба да станат јасна критичка свест, без емоции, без патос, туку со голема одговорност.

„Предавници и патриоти“

Во македонски контекст, треба да нѐ замисли зошто во критични историски моменти Македонците секогаш одново се делат на „предавници и патриоти“. Современата наука би ни рекла дека таа шема се наоѓа во „епигентската меморија” на Македонците. Таа се пренесува како ненадмината траума на нашите предци, од генерација на генерација. Ние го повторуваме истото однесување, речиси, без да сакаме, затоа што уште не сме успеале критички да го рефлектираме однесувањето на предците.

Во најважните историски мигови во минатото, Македонците навистина биле „предавани“ од своите. Тоа е „општо место“ во македонската историја, кое Славко Јаневски го претопи во поетска слика, во која кај што има тројца Македонци, двајцата го јадат третиот. Зошто оваа „слика“ никогаш досега не е рефлектирана критички како погубна за Македонците? Зошто бегаме од тоа да признаеме дека Македонци имало не само во НОБ, туку и како учесници во бугарската администрација во Македонија во Втората светска војна? Зошто не се прашуваме какво е однесувањето на народот кој со децении говори за бугарофилите, гркоманите и србоманите во своето минато? Дека ги имало, сведочат овие историски поими. Освен тоа, тие постојат во историјата и на многу македонски фамилии, во кои често имало некој србоман или бугарофил.

Кога прабаба ми од Костурско ќе речеше дека „филан човек тргаше на гр‘цко“, тоа значеше дека бил гркоман. А така било многу често во сложената историја на Македонците. Зошто тоа го потиснуваме? Затоа што тоа сознание е болно, па поради вината ја префрламе на другите – на соседите, на „Големите сили“, на „блудницата Европа“. Во таа шема мислиме и ден-денес. Затоа не ја прифаќаме одговорноста за нашите сопствени слабости.

Критичкото соочување со историските констелации на Македонците во минатото би ги демистифицирало овие феномени, би ги ставило во конкретни, реални, а не митски контексти. Тоа би ни помогнало да сознаеме дека, кога немале своја држава, многумина од Макединците станувале „предавници“ на своите сонародници од различни причини. Најмногу по силата на „менталитетот“ на Македонците, формиран во минатото, кои морале да се прилагодуваат на  секоја власт. За да преживеат!

Јасно е дека херои и бунтовници биле малкумина, поголемиот дел се „прилагодувале“ на власта. Така се создавале сликите за „предавниците“ и за „патриотите“. Не би ме изненадило овие слики да ги создавале токму „предавниците“, затоа што хероите гинеле и не можеле да сведочат. Но, како може уште да мисли низ такви анахрони дихотомии еден народ, кој одамна живее во своја држава?

The post „Колективна терапија“ за Македонците (прв дел) appeared first on plusinfo.mk.

Утописката симболика на синото летно небо
„Вакво беше моето прво германско лето“, му реков на мажот ми во еден студеникав ден, со посивено, намуртено  небо, разочарана што цела недела врнеше, откако имавме повеќе од недела само сонце. Тогаш сфатив колку се промени германското лето во последните дваесет години. Тоа што секое лето е потопло од претходното, направи да заборавам дека во минатите германски лета беа ретки неделите во кои секој ден беше топол и сончев. „Да, навистина,“ се потсети и мажот ми, „пред триесет години најголемиот дел од летото беше ваков, маглив и сив. Затоа бев толку восхитен од моето прво македонско лето, но не и од сегашното. Тогашното скопско лето беше како сегашното келнско“, заклучи тој. Тогашното скопско лето имаше сино небо, пријатни ладовини, свежина на  водата во Вардар, кој мирисаше на риби и школски распуст. Моите роднини во Скопје ми велат дека нивните сегашни лета се пеколни, дека околу селата и градовите беснеат шумски пожари. Дали тоа значи дека, според климата, денес Југот е Африка, а средна Европа Медитеран?, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

На некогашното скопско лето ме потсети денешниот залез врз шумата, додека со кучето се шетавме низ еден голем парк. Во пријатната сенка на старите дрвја ја помирисав познатата скопска летна ладовина под липите на кејот, кога навечер се враќавме од кино. Затоа што во ова лето често се менуваа многу сончеви и многу облачни, дождливи денови, природата во Рајнската област е раскошно бујна. Рајна е преполна со вода, како да е море, а зелениот густеж крај брегот е уште побуен. Бродовите што пловат  по Рајна од Југот кон Северот будат меланхолија, но и летна радост, затоа што пловат бавно и спокојно, како некој вечен ритам на летниот живот. Во градината огромните олеандри мирисаат на скопското лето, затоа што сите потекнуваат од едно гранче кое ми го даде мајка ми пред четиринаесет години. Од нивното црвенило, синото небо над нив станува уште поблескаво, како што треба да биде секое летно небо, барем во нашата слика за летото.

Медитеранското небо – метафора за бесмртноста

Навистина, утринава, додека се восхитував на блескаво синото небо, без ниту најмало облаче, ми долета во умот мислата на Теодор В. Адорно во неговата „Естетичка теорија“: за сините неба без облаци, кои ги знаеле само јужните земји. А тоа блескаво небо како да вели: „Смрт, каде е твоето бодило?“ За Адорно медитеранското небо беше метафора за бесмртноста, за вечноста. Тоа е за него утописка слика за копнежот по Воскресението. Тој тогаш, во шеесеттите, не ќе можеше да си замисли дека еден ден и германските лета ќе изобилуваат во такви медитерански сини неба. А моето прво германско лето ме увери дека меланхолијата на германските романтичари во поезијата има врска и со тоа што се нарекува умерена континентална клима, во која долго време беа ретки вистински сончевите денови со високи температури.

Знам, денешните топли германски лета се должат на климатските промени! И сепак, синото небо врз Скопје, особено во времето кога бев дете, не бучеше секои пет минути со звукот на авионските мотори. Тие бели птици на синото германско небо итаат секој час кон Југот, оној кој сега гори во шумски пожари. Иако и германските лета станаа медитерански, луѓето и понатаму патуваат на одмор крај јужните мориња. Југот ќе остане симбол за летото за Германците, затоа што него го формираа првите патувачи кон Југот. Такви како Гете во Италија, која за него беше земјата во која цутат лимоните. Притоа го паметам првото лето во Тоскана, пред давесет години, кое беше слично како денешните германски лета. Два-три дена горештина и сино небо, обично завршуваше во два дена со поројни дождови и грмотевици. Градовите потоа испаруваа топол воздух, небаре старите ѕидови на ренесансните зданија да се потеа од прегреаност, исполнувајќи го воздухот со својот жежок и тежок здив. Такво беше моето прво пладне во Сиена, каде што на прочуената пјаца, оградена од сите страни со стари згради, дишењето и движењето стануваа навистина тешки.

А кога стигнавме во пределот на лозјата и маслиниците во околината, над него се беше раширил најубавиот божилак. „Југот повеќе не е тој што го паметиме“, ни рече тогаш нашата пријателка, старата германско-италијанска писателка, која пред да заминеме на излет во Фиренца, ни советуваше да не одиме, ако не сакаме да доживееме топлотен шок, зашто во центарот речиси воопшто немало дрвја. Такви топлотни шокови денес сигурно доживуваат напладне туристите во центарот на Скопје. Всушност, со нашата желба да патуваме и во најдалечните страни на светот, ние самите придонесуваме за климатските промени. Особено луѓето од западните богати општества, во постојаниот копнеж по сонце и море, патуваат и во зима во далечните земји.

Магијата на летото

Но, што е магијата на летото? И ден-денес мислам дека таа не е забрзано, туку стишано, успорено време. Магијата на летото е таа на мигот во кој ја насетуваме вечноста, додека ги гледаме сончевите зраци низ лисјата на дрвото, во кое, крај пат, во парк, седнуваме за миг, слушајќи го благиот летен ветер во крошната. Летото мора да биде успорено време, доколку сакаме да собереме енергија за зимата. Денес летата се бучни, брзи, агресивни, што уште повеќе го зголемува впечатокот дека во центарот во сите европски градови е жежок асфалтот, како тогаш, 2004-та, во Фиренца.

Меѓутоа, жедта по сонце и море, очигледно, не го зголемува спокојот во модерните општества. Во неделникот „Die Zeit“ денес прочитав дека според најновиот извештај на Институтот „Роберт Кох“, кој  го истражува психичкото здравје на возрасното германско население, анксиозноста, немирот и напнатоста кај граѓаните биле двапати почести во споредба со 2021. Грижите, анксиозноста и немирот по 2021 се зголемија затоа што никој не може да го заборави фактот дека во светот повторно има војни. За луѓето во воените подрачја синото небо не е повеќе симбол за утописката надеж, затоа што кога е загрозен животот, ништо не се доживува исто како во мирот.

Летото, барем за миг, го смирува во нас копнежот по „изгубениот рај“, затоа што не само небото, туку и сета природа се преобразуваат во симбол за мирот и среќата. И тоа само тогаш, кога имаме можост да уживаме во долго, здодевно, топло лето, што  денес не е случај насекаде во светот. Тоа би требало уште повеќе да го разбуди во нас протестот кон сите војни. Кога сето човештво би било постојано свесно дека во истиот миг кога се восхитуваме на синото небо, како симболика за утописката надеж за вечност, на друго место ракетите од истото летно небо го уништуваат животот на стотици луѓе на земјата. Кога барем еден дел од тоа човештво би се згрозил од тој факт и би излегол на протест, барем во земјите во кои се дозволени јавни собири, тогаш можеби војните не би станувале толку долго занемарливо секојдневие, небаре тоа да постои само во најновите вести. Тогаш ми станува јасно дека човештвото не ја заслужува оваа чудесна планета, на која животот би можел да биде постојано едно здодевно и спокојно лето, во кое дури и мигот е преполн со симболика.

The post Утописката симболика на синото летно небо appeared first on plusinfo.mk.

Глигоров: „Зошто се распаѓаат земјите – случајот Југославија“
Пред дваесет години, 1994, Владимир Глигоров (1945-2022), ја објави студијата, „Зошто се распаѓаат земјите – случајот Југославија“. Ја пишуваше во Упсала, каде во 1992 беше емигрирал од Белград. 1994 беше времето на двете големи војни, во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Владимир Глигоров, синот на претседателот Киро Глигоров, почина во октомври 2022 во Виена, каде што од 1994 работеше во Виенскиот институт за меѓународни економски студии. По повод неговата смрт, Марио Холцнер, директорот на институтот, го нарече Глигоров „интелектуален гигант“. Ерудицијата на Владимир Глигоров беше навистина гигантска, затоа што освен неговата специјалност, политичката економија, таа обеднуваше уште неколку области, од филозофијата и политичката теорија до литературата и филмот, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

По дваесет години, согледувањата во оваа книга се релевантни и за сегашниот момент, затоа што состојбата во многу од државите настанати по распадот на Југославија е уште нестабилна. Во таа смисла, во анализата на распадот на Југославија Глигоров опишува еден политички и историски процес кој не е ниту минато, ниту завршен. Што значи, дека тој може и да се повтори. На сериозна размисла поттикнува тоа што Глигоров еден од факторите за распадот на Југославија го гледа во „приоритетот кој бившите југословенски народи ѝ го даваа на етничката правда, поставувајќи ја над индивидуалните слободи и права“. Ова поттикнува на   сериозна размисла, бидејќи тој приоритет, на пример, стана принцип во македонската политика. Понатаму Глигоров смета дека двата доминантни народа во Југославија, Србите и Хрватите, биле непомирливи во својот стремеж за независна етничка држава, што било долгорочната стратегија и на Србите и на Хрватите. Југословенската криза била комбинација од два конфликта, од кои едниот бил „централно-европски“ (српско-хрватското раздвојување), а другиот балкански. За првиот конфликт била неопходна Југославија, па затоа тој сега бил завршен. За вториот, кој произлегувал од „незавршените прашања“ од минатите балкански војни, не била неопходна Југославија. Тоа, пак, невестува дека тој конфликт може да се активира и кога нема да има ниту трага од Југославија.

„Балканизација во недоглед“

За разбирањето на актуелните предизвици околу и во Македонија е многу важно тоа, на што тој укажува во поглавјето, „Балканизација, теоријата на уставниот слом“. Со распадот на Југославија започнал процесот на „балканизација“ кој бил карактеристичен за обидите на балканските народи во минатото да создадат „независни државички“. Долго се верувало, особено во Југославија, дека тој процес на „балканизација“ ќе заврши со конечното самоопределување на балканските народи. „Меѓутоа, гледајќи наназад, може да се рече дека балканизацијата трае сѐ до денес, кога се одигрува уште една рунда на крахот на власта, пропратена со граѓански и меѓудржавни војни“, заклучува Глигоров во 1994-та. Јас би рекла, овој заклучок кажува многу и за состојбата во 2024.

Во својата резигнирачка поента на крајот на книгата Глигоров пишува дека „заради тоа процесот на балканизацијата ќе се одвива во недоглед. Лично не гледам начин овој регион да се стабилизира, а за почитувањето на човековите права и демократијата и да не зборувам. Дури и кога Србија би се свртила кон демократија, дури и кога останатите држави би го пригушиле својот национализам, проблемот нема да биде решен. Тешко може да се замисли стабилноста на овој регион. Најмногу на што може да се надеваме е да престанат судирите и да започне долготрајниот процес на политичка еманципација. Меѓутоа, поголеми се изгледите дека  резултатот ќе биде создавањето на национални држави и региони во кои нема да владеат законите – состојбата на перманентна нестабилност.“ За жал, резигнацијата на Глигоров ја потврдува актуелната состојба во остатокот од Балканот кој не е во ЕУ, кого таа во меѓувреме го нарече „Западен Балкан“. Не само во Македонија, туку и во останатите земји од регионот, „состојбата на перманентна нестабилност“ е најстабилниот фактор.

Читајќи ја книгава, си помислив дека и на ЕУ-аналитичарите мора да им е јасно дека „балканизацијата“ во преостантиот дел од  поранешна Југославија ќе трае „до недоглед“. Можеби затоа не им се брза со проширувањето на ЕУ со Западен Балкан. Еуфоријата како да заврши со приемот на Хрватска, а за другите како да се чека, за да се види кој ќе биде конечниот исход од процесот на балканизација, иако декларативно се истакнува неопходноста на проширувањето. Тоа важи и за односот на ЕУ кон Македонија, која, според Глигоров, ја „претставува суштината на сите конфликти на Балканот“. Бидејќи, доколку ЕУ е свесна за клучната улога на Македонија во конечното надминување на процесот на балканизацијата, тогаш може да се очекува таа да направи сѐ, за да ја прими Македонија во ЕУ во најкус рок. Секако, тоа би било можно да немаше членки на ЕУ од оној ист Балкан, кој два века продуцира „балканизација“, како резултат на своите „недовршени“ планови од минатите војни за својата етничка големина. Во таа смисла, бугарското вето е во „хармонија“ со новоразбудениот културен империјализам и со историскиот реаваншизам во Источна Европа и во Русија.

Истакнување на етничкиот фактор

Доколку македонските политичари би биле свесни за сево ова, секој од нив би требало барем еднаш да ја прочита оваа книга на Владимир Глигоров. Ми се чини дека сознанијата изложени во неа се многу значајни токму за сложената етничка мапа во  Македонија. Особено во овој политички миг, кога со смената на власта во политичката реторика многу агресивно е истакнат етничкиот фактор кај двете најголеми етнички заедници. И тоа во една многу сложена геостратешка констелација во Источна Европа. Владимир Глигоров истакнува дека македонското прашање ќе постои уште долго.

Ми се чини дека токму ова сознание бара од денешните политичари голема мудрост и во внатрешната и во надворешната политика. Кокетирањето со правото на самоопределување во однос на државното име, зборува само за недостиг  од државничка мудрост. На тие политичари не им е јасно дека со Преспанскиот договор се надминува спорот кој произлезе од тоа што за Владимир Глигоров   е суштината на македонскиот проблем. Според него, во оптиката на соседите Македонија била „спорна територија“.

Проблематизирањето на Преспанскиот договор од највисокиоит врв, како право на самоопределување, само ги зајакнува надежите на некои „балкански играчи“, кои сметаат дека македонското прашање, што значи, постоењето на македонската држава,  уште не е дефинитивно решено. Бидејќи уште важи тоа што Глигоров го напиша пред дваесет години за деструктивниот процес на балканизација, имено, дека тој понекогаш се храни од „продолжената политичка празнина“. Тој вели дека таа празнина може да се опише на различни начини, но него го интересира „невозможноста на создавање одржлива држава“. Не е ли ова токму таа агонија на Македонија, која воопшто не зависи од тоа кое е името на државата, затоа што уште многумина се прашуваат дали македонската држава е одржлива во подолг рок?

Да потсетиме, Југославија се распадна откако падна Берлинскиот ѕид, што ги зајакна стремежите за етничка независност, затоа што во цела Источна Европа се „мешаа картите“ за нова рунда. Откако денес Русија го „премина рубиконот“ со војната против Украина, се чини дека и во постјугословенските држави војните за прекројување на граници на етничките држави пак станаа атрактивни. Македонија потсетува на Југославија, иако не е федерација, затоа што, како и во Југославија, во неа живеат повеќе етнички  заедници, но доминантни се Македонците и Албанците. Глигоров истакнува дека во ситуацијата пред распадот на Југославија политичко-етничките приоритети доминирале над економските. Треба да нѐ замисли, зошто денес во македонската политика повеќе се зборува за повредената национална гордост, а не за брзото остварување на политичките и стопанските реформи, кои се приоритет во пристапниот процес на Македонија во ЕУ.

The post Глигоров: „Зошто се распаѓаат земјите – случајот Југославија“ appeared first on plusinfo.mk.

Земјата без национални граници
Поради поинакво толкување на историјата, Русија денес води војна со Украина. Поради различното толкување на историјата во регионот Македонија, Бугарија го блокираше почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ. Поради своето толкување на историјата, Грција бараше за себе речиси три децении „ексклузивно право“ на името Македонија, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Германскиот филозоф Карл Јасперс, поучен од горчливото искуство на двете светски војни во дваесеттиот век, сметаше дека новата европска мирољубива визија е можна само ако се надмине европската ароганција во однос на другите земји и култури. Тоа што Јасперс го нарекува „европска ароганција“, денес се нарекува „културен империјализам“. Тој, за жал, уште е жив во оние балкански држави, чии национални наративи беа формирани во деветнаесеттиот век, по урнекот на нациналните наративи на старите европски држави. Тие ја научија лекцијата од двете светски војни и од Аушвиц, и се обидоа да ја надминат најнапред кај самите себе националната ароганција. Бидејќи беа сознале дека таа ароганција, кога-тогаш, ќе доведе до нова војна. Затоа тие денес историјата повеќе ја сфаќаат како културално паметење, а помалку како национална, патриотска идеологија.

Формулата на европското помирување

За жал, Балканот секогаш доцни еден век зад останатиот дел од Европа. Што се однесува до историјата, во сите балкански земји уште владее деветнаесеттиот век. Историјата во овие земји е нераскинливо врзана со нацијата која, пак, има атрибути на апсолут: таа е вечна, непроменета во текот на долги векови, почнува од Адам и Ева и е длабоко „вкоренета“ во територијата на која се одвивало минатото. Тој национален наратив често е биологистички, а неретко и расистички. На „жртвеникот“ на новото „божество“ на балканските народи – нацијата – се жртвуваат живите луѓе. Во војните кои балканските и словенските народи ги воделе и уште ги водат, притоа нарекувајќи ги народите што ги убиваат „братски“.

Современа Русија е најтажниот пример за ова национално идолопоклонство. И Украина и Русија ќе можеа да се обединат во мир, доколку Русија големината на својот народ не ја сонуваше „ретроградно“ – како реставрација на пропаднатата руска царска империја. Да беше Русија европска земја, ќе го имаше апсолвирано своето критичко соочување со сопственото империјално минато, како царистичкото, така и советското, како што тоа го стори Германија во процесот на помирување со своите соседи Франција и Полска. Да беа Бугарија и Грција вистински европски земји, тие најнапред во своето општество ќе го апсолвираа процесот на критичко соочување со своето минато, а во особена мера, со времињата на војните.

Која е формулата на европското помирување? Тоа е детоксикацијата на историските наративи од нивните апсолутистички, империјални националистички „отрови“. Националните наративи стануваат многу „помирољубиви“ кога минатото не се доживува само како патриотска и државна идеологија, туку како културално паметење. Во идејата на културалното паметење има доволно простор за да можат две или повеќе држави да ја „доживуваат“ биографијата на една иста историска личност како „своја“, како споделена. Затоа што секоја од нив се идентификува со еден аспект од неговата биографија. Да се памети минатото, значи да се паметат имиња, настани, приказни и биографии. Историјата како хронолигија и наука во националните наративи бива ограничена во „тесниот корсет“ на националната идеологија, на која мора да ѝ се потчини минатото кое, од своја страна, никогаш не е мртов факт, туку живо сведочење како колективно паметење.

Силата на „татковината која нема национални граници“

Да се однесуваше Русија кон Украина како Германија кон Полска или кон Франција, тогаш тие заедно ќе ги бараа и ќе ги збогатуваа културните симболи за споделената историја. На пример, Украина и Русија во културата ќе се сретнеа во биографијата и делото на Николај Гогољ. Тој е роден во Украина, а творел најмногу на руски, иако многу нешта во неговата литерарна фантазија потекнуваат од украинското народно творештво. Зошто тогаш не смеат да се гордеат двете држави со литературното дело на Гогољ? Или на Казимир Маљевич, кој е роден во Киев, а творел и во Киев и во Москва? Тоа денес уште не е возможно за овие држави затоа што националниот наратив како идеологија „ги конфускува“ големите уметници и владетели како „трофеи“ за славата на само својата нација и, на тој начин, не дозволува тие да му припаѓаат и на националниот наратив на соседната земја.

Овој апсурд на националниот нарцизам може да се надмине само со силата на „татковината која нема национални граници“. Таа не ги разликува луѓето само според крвта и почвата, туку според духот и творештвото. Таа татковина не е империјална и ексклузивна, туку инклузивна и космополитска. Во таа таковина, без национални граници, живее еден сој луѓе кои знаат дека покрај географската земја во која што се родиле, нивната родна земја, без национални граници, е таа во која станале хумани и култивирани, творечки или размислувачки личности. Тој сој се луѓето на духот, мислителите и уметниците. Таа е земјата што памети од Хомер до Мураками, од Софокле до Бекет, од Сафо до Маргерит Дурас. Татковината без национални граници е подрачјето на духот, на писменоста, на образованието, на уметноста и на филозофијата. Таа е царството на книгите, на печатниците, на библиотеките и на музеите. Таа нема граници, најмалку национални, зашто нејзиното „царство“ е сиот свет. Таа постои над сите национални и државни граници.

Таа земја германските теоретичари на литературата, Алајда и Јан Асман, во своето благодарно слово при доделувањето на нагардата за мир на германското книжарство 2018 ја нарекоа „Res publica literaria“. Тие велат дека „кога почна времето на печатницата оваа земја ја основаа поетите и хуманистите, издавачите и книжарите“. Во татковината без национални граници библиотеките се местата во кои се одигрува „разговорот на духовите“ од сите времиња. Тој не е ограничен од државни граници. Според Алајда и Јан Асман, библиотеките, гигантските архиви кои го чуваат паметењето на човечкиот творечки дух, „отвораат простори за мислата“. Јан Асман, кој почина на 86 години во февруари 2024-тата, сметаше дека „културата потекнува од сознанието за смртта и за  конечноста“. Културата, како уметност и творештво, го памети изминатитот живот – наспроти смртта. Животот е паметење, а за тоа најдобриот пример е литературата. Културалното паметење се сеќава на минатото низ биографиите кои секогаш го одразуваат и духот на времето.

Литературата памети пораскошно

Вистинските европски историски читанки на балканските народи би биле тие во кои би имало повеќе културално паметење, а помалку патриотска идеологија. Во нив децата во Грција би учеле за македонското минато од поезијата на Кочи Рацин или на Григор Прличев. А македонските деца би научиле повеќе за особеноста на „грчката траума“ од филмовите на Ангелопулос. Македонските и бугарските ученици би можеле да научат многу повеќе за своето културално паметење од делата на Георги Господинов и на Петре М. Андреевски. Литературата памети пораскошно и „поживо“ од историската идеологија, затоа што во неа настаните и личностите не се црно-бели. Затоа литературата има сила да го „оживее“ пред нас изминатото време и нејзиниот посебен дух. Вистинската средба со духот на изминатото време се случува само во уметноста.

Притоа, за општеството кое памети и стапува во творечки дијалог со духот на изминатите епохи е неопходна сцената на која тој се одигрува. Тоа е јавноста како сфера на духот, како простор за дијалог во културата и уметноста. Само во тие општества се надминува „токсичноста“ на тесните национални наративи, во кои нивниот коректив е силната, жива и критичка интелектуална јавност. Националниот нарцизам само го прикрива чувството на помала вредност, чија причина е токму затвореноста на едно општество во тесниот национален дикурс. Не зачудува што во тоталитарните режими нема слободно творештво, туку само пропагандна уметност. Хана Аренд укажува на силата на таа поинаква татковина, без национални граници, кога во своето пофално слово за наградата за мир на германското книжарство во 1958-та на нејзиниот професор и пријател, Карл Јасперс, вели дека непоткупливиот филозоф во Третиот Рајх бил во изолација, но не бил осамен, затоа што неговата „духовна татковина“ била „царството на Humanitas, во кое може да пристапи секој човек, со своето сопствено потекло“.

The post Земјата без национални граници appeared first on plusinfo.mk.

„Новиот Херсон“ – руска Византија како Дизниленд
Во 2013-та на украинските археолози конечно им успеа во листата на „Светското културно наследство“ на УНЕСКО да биде внесен најзначајниот археолошки локалитет на Крим – античкиот град Херсонес или Херсон (на старогрчки Χερσόνησος). По руската анексија на Крим 2014, урнатините од античкиот град, основан од грчки доселеници во шестиот век пред нашата ера, преминаа во надлежност на Руската федерација, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле. Веднаш потоа рускиот претседател Владимир Путин го прогласи Херсон Тавријски за „најсветиот духовен симбол“ на Русија. За „хоби-историчарот“ Путин, тој локалитет очигледно имал големо значење во „новиот руски наратив“, поврзан со анексијата на Крим и со – воената агресија врз Украина.

Градот Херсон, во близина на пристаништето Севастопол, долго бил важна тврдина за византиското царство. Според древноруската легенда за крштевањето на кнезот Владимир Први, чија престолнина бил Киев, тој во 988-та го освоил Херсон и се согласил да го поштеди само ако византискиот цар Василиј Втори му ја даде за жена сестра си, принцезата Ана Потфирогенита. Византскиот цар се согласил, под услов кнезот Владимир да се крсти. Така кнезот Владимир, подоцна прогласен за светител, се поврзал со византискиот двор. Уште во 15 век руската црква го создаде митот за Русија како „Третиот Рим“, но во тоа време „рускиот Ерусалим“ беше уште Киев. Денес за рускиот културен империјализам Киев е недостапен, зашто остана во украинската држава. Некои веруваат дека Владимир Путин во Херсон сака да изгради замена за Киев, затоа што себеси се споредувал со кнезот Владимир.

Сепак, се чини дека „Новиот Херсон“ е израз на империјалната желба на руската држава и црква да се претстават како „вистинската“, словенска Византија. Затоа Путин тврди дека со крштевањето на кнезот Владимир во Херсон се родила и руската нација. Не се работи за славење на Византија како христијанска цивилизација. Туку како симбол на десет векови непобедливото царство. Не се работи за величината на христијанската вера, туку за величината на руската нација. Путин сака да го легитимира правото на Русија врз „Киевска Рус“, но и врската на денешна Русија со Византија. Во тоа тој е обединет со рускиот патријарх Кирил.

Паралели со „Скопје 2014“

Тој мит руската држава и руската црква се обидуваат да го „оживеат“ со еден гигантски проект наречен историско-археолошки парк, официјално наречен „реконструкција и музеификација“ на древниот Херсон. Врз него се доградува и надградува „Новиот Херсон“, во антички стил. Само на Македонците овој  гигантски проект им се чини како некое грдо „дежави“, затоа што и Скопје го има својот „историско-археолошки“ парк. Разликата е во тоа што „Новиот Херсон“ се гради врз урнатините на древниот Херсон, а „античкото Скопје“ е изградено врз живото Скопје. Изненадува само фактот што империјалниот стремеж на путинистичкиот и на груевистичкиот наратив се идентични: Путин сака да се „легитимира“ како наследник на кнезот Владимир Велики, а Груевски ја имаше истата „фиксација“ за царот Александар Велики.

Во новиот Херсон ќе бил востановен надворешниот изглед на улиците, зданијата, храмовите, домовите за живеење и сите општествени објекти од 10 век, кога таму се крстил кнезот Владимир. Затоа што Херсон бил антички град кој бил сочуван во досега негибнат вид цели 2000 години, проектот е замислен како „реконструкција и музеификација“ на античкиот Херсон. И овде поклопувањето со „Скопје 2014“ е шокантно, зашто досега мислевме дека само Македонците веруваат дека може да има и „нова древност“ како „антиквизација“ на новото.

„Русија, моја историја“

Во „Новиот Херсон“ се работи за руска нова „византизација“. За таа цел, уште во 2015, со указ на Путин, била формирана иницијатива за изградба на духовно-просветителски центар близу Херсон. Претседателот на советот за култура на Московската патријаршија, владиката Тихон Шевкунов, предложил да се формира работна група, чиј претседател станал самиот. Во 2008 по негово сценарио беше снимен пропагандниот документарен филм „Пропаста на една империја. Лекциите од Византија“. Уште во тоа време овој владика, близок на Путин, ја застапувал  тезата за Русија како духовна наследничка на Византија, а оваа пак била уништена од Западот, како што и денешната Руска Федерација била загрозена од „колективниот Запад“. Не зачудува што нарачателот на проектот во Херсон е Владимир Путин, а идејниот творец владиката Тихон.

Во 2015-та започнале „гигантски“ археолошки ископувања каде што биле откопани 3,5 милиони артефакти кои ќе биле изложени во новите музеи во Херсон. Украински историчари на уметноста истакнуваат дека тие „ископувања“ се вршеле со багери и дека во  ридиштата фрлен „шут“ локалното население подоцна наоѓало антички монети и ги продавало на „црно“. За археолошките ископувања со багери, пропагаторите на проектот еуфорично ја ползуваат паролата: „Херсон се менува“. Вистински значајниот за светското наследство антички Херсон, чии остатоци преживеаја со векови, не ја преживеа новата руска империјална фиксација, која не ги почитува принципите на заштитата на културното наследство. „Овде, во Херсон беа крстени кнезот Владимир и неговата дружина. Тоа значи, токму овде се наоѓа светото место, центарот на формирањето на нашето духовно единство, кое во крајна линија, е положено во основата на руската нација и на единствената централизирана руска држава“. Оваа изјава на Владимир Путин е цитирана на веб страницата на Фондацијата „Русија, моја историја“, која гради вакви историско-археолошки паркови низ целата руска федерација.

Проектот е финансиран од фондацијата „Моја историја“ и од други небуџетски извори. Во рамките на паркот ќе имало музеј на христијанството, музеј на Антиката и на Византија, музеј на Крим и на „Новорусија“. Освен тоа, поклонички и туристички центри, храм-парк, амфитеатар „Грифон арена“ и квартови со реконструкцијата на древниот Херсон. Зад изградбата на овие објекти стои „Спербанк“ која потпишала договор за соработка со градот Севастопол. Паркот со многубројни музејски збирки на посетителите ќе им понудел секакви услуги – логистички и банковни- за да можат на пријатен начин да го доживеат „Новиот Херсон“. Рекламата за проектов открива дека тој се коси со принципите на заштитата на историското и културното наследство. Дури и кога тоа е сочувано како урнатини од некогашни храмови или царски палати, тоа мора да се сочува во автентичниот вид. Затоа што само така ние можеме да стапиме во контакт со културите од минатото. Да се „реконструира“ археолошки локалитет, со тоа што ќе се ископаат сите наоди и ќе се стават во музеи, за да може врз нивните урнатини да се изгради „имитација“ на тие антички градби, но сега според замислата на современиците, всушност, е насилство на сегашноста врз минатото. Идејните творци на „Новиот Херсон“ сметале дека урнатините од древниот Херсон ќе им пречеле на луѓето да се „предадат во целост“ на својата (руска) историја.

Пропаганден центар за новиот руски империјален наратив

„Подобро историско место не може да се најде во цела земја“, рекол претседателот на „Спербанк“, Герман Греф, заклучувајќи дека проектот бил „восхитувачки“ пример за соработката на црквата,  државата и творечките иницијативи.

„На местото на кое немаше ништо, се роди еден совршен комплекс кој сигурно ќе привлекува милиони луѓе во годината. Сакам да ги повикам сите да дојдат во  ова особено место, во Херсон, еден од најдревните градови во Русија“, апелирал Герман Греф.

Тоа го согледал претседателот на руската држава, по чија наредба, со финансиска помош од „Транснефт“, крај стариот антички град, бил изграден „Новиот Херсон“. Паркот е наменет посебно за младите, на кои историјата на Русија ќе им била презентирана на мултимедијален начин, со инсталации, реконструкции, изложби и историски спектакли. „Новиот Херсон“, всушност, ќе биде пропаганден центар за новиот руски империјален наратив.

Во „Грифон арената“ неодамна легендата за кнезот Владимир била прикажана како пропагандно шоу. Еден германски пријател го нарече феноменот, чија жртва стана древниот Херсон, „сакро-фашизам“, затоа што еден значаен датум од историјата на христијанизацијата на рускиот народ во минатотото, денес се (зло)употребува како пропаганда за милитантните амбиции на руската држава. Затоа замислата на историско-археолошкиот парк „Нов Херсон“ со право се нарекува „руска Византија“ како Дизниленд.

The post „Новиот Херсон“ – руска Византија како Дизниленд appeared first on plusinfo.mk.

Загатката во „писателската блокада“
Ретки  се писател(к)ите кои барем еднаш немале „писателска блокада“. Ретки се тие во македонската литература кои за блокадата зборуваат јавно. Можеби од страв дека со тоа би покажале творечка слабост. Напротив, историјата на лутературата нѐ учи дека „блокираните“ писател(к)и се во ексклузивно друштво. Најголемите писатели ги знаеле маките со блокадата во пишувањето. Со нив се соочиле и Бекет и Пруст. Повремено во писмото бил „блокиран“ и Гете и Томас Ман. Кафка постојано се борел со тој невидлив ѕид во пишувањето. Низ блокади минувале  Достоевски, Хемингвеј и Фокнер. Денес култниот германски писател Уве Јонзон (Uwe Johnson)  својот гигантски роман во четири тома, со 1703 страници, „Години-дни“ („Jahrestage”), го завршил по блокада од една цела деценија, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче Веле.

Писателските блокади ја покажуваат живоста, непредвидливоста, загадочноста на литературното творештво. Со него не може да се „калкулира”, ниту да се пишува по автоматизам, дури и кога се работи за „автоматското писмо“ на надреалистите.

Причините за ненадејната блокада во пишувањето се толку различни, колку што се различни тие што ги пишуваат книгите. Секоја блокада има многу лична, но, во исто време, општо позната причина. Писателката и писателот се чувствуваат „затворени” во една состојба во која секој збор, секоја реченица им се чинaт толку бесмислени  и празни, небаре никогаш дотогаш да не напишале ниту збор. Небаре заборавиле како се пишува расказ, песна или роман. Всушност, блокадите се најчести во пишувањето на роман, затоа што тој е многу сложена форма. Блокадите со тоа стануваат, за тој што сака да пишува, време на преиспитување и превреднување на сите цели и вредности во своето творештво. Во таа смисла, блокадите се и шанса за продлабочување на творечката интуиција.

Секако, блокадите често се поврзани со особеноста на писателската „кариера”. Кога „славата” дошла лесно или како среќна констелација со првото дело, кај некои писателки и писатели настапува „психичка самоблокада”, затоа што се плашат дека „ќе потфрлат” во следното дело. Затоа, можеби, некои велат дека е лесно да се напише успешен прв, а и втор роман, но поважен бил дури третиот. Тој покажувал дали се работи за „сериозен” творечки потенцијал, зашто дури по третиот роман доаѓале големите дела. И ова правило го негира непредвидливата логика на писателската блокада. Американецот Ф. Скот Фицџералд (F.Scott Fitzgerald), напишал три извонредни романи, а умрел уверен дека не постигнал ништо во литературата. Со првенецот од 1920-та, „Од оваа страна на рајот”( This Side of Paradise), станал славен на  23 години. Пет години подоцна го напишал вториот роман, „Големиот Гетсби”, (The Great Gatsby), а третиот во 1934, „Блага е ноќта” (Tender ist the Night). Сепак, само неколку години по смртта 1940 бил заборавен, а повторно откриен дури деценија подоцна. Оваа приказна уште повеќе ги обвива со загадочност  писателските блокади. Небаре тој потоа ништо не напишал, затоа што не му било јасно дека тоа што требал да го напише, веќе го напишал. И тоа толку добро, што сѐ друго би било просечно.

Поентата на Пруст

Интересни се оние писателки и писатели кои од своите блокади прават раскажувачки „лајтмотив”. Тоа, патем, е еден од пријатените начини за надминување на блокадата. Тоа го сторил Марсел Пруст. Јас-раскажувачот во романот „Во потрага по изгубеното време” страда од писателска блокада. Погледнато од оваа перспектива, сите нешта кои  Пруст ги опишува, се потрага во сегашноста по настан, лик и случка, кои ќе го вратат во тој миг од минатото, во кој ќе ја открие не само „загатката” на времето, туку и „тајната” со која ќе ја надмине блокадата. Тоа што раскажувачот во романот на Пруст го враќа „изгубеното време” е вкусот на слатките „Мадлен”, потопени во чај, и миризбата на белите цутови на глогот, со чии гранки во мај бил украсуван олтарот во црквата во која Пруст одел со мајка му. Дури и „поентата” на прочуеното дело на Пруст, според која, не го „избира” писателката или писателот романот што го пишува, туку тој, романот, ја „избира“ таа или тој што треба да го напише, сведочи за загатката на блокадите. Прустовски гледано, „блокадата“ настапува затоа што писателката или писателот „не го слушаат“ доволно внимателно делото. Или сакаат да го пишуваат не по неговата, туку во својата лична волја.

Кредото на Кле

За тоа колку значајни сознанија за сушноста на творештвото се кријат во творечките блокади, може да се научи и од „творечкото кредо“ на сликарот Паул Кле. Според Кле, тајната на доброто ликовно дело е во хармонијата на конструкцијата и интуицијата. Тој дури верува дека без интуицијата уметноста е невозможна. Тоа што едно дело го прави единствено, е токму тоа што не е „конструирано“, тоа што ги надминува „границите на разумот“. Разумот конструира, а интуицијата открива. „Уметноста не го отсликува видливото, туку ги прави нештата видливи”, смета Кле. За него сета уметност е „симбол“ (Gleichnis) за творението. Интуицијата го учи уметникот дека треба да биде „скромен” пред тајната на постоечкото. Без творечка скромност, барем според Кле, нема голема уметност. Зашто уметникот, бил тој писател или сликар, „учи” да „создава” така, како што создава Бог. Спред Паул Кле, уметникот е „калфа” на големиот „Мајстор”. Во сликата „Границите на разумот”(Grenzen des Verstandes, 1927) Kле го покажува ликовно своето „кредо”. Во една речиси монохрома атмосфера, во долниот дел на платното се наоѓа еден геометриски прецизен, цртеж – проект на разумот. Колку повеќе се издигнува до загадочното „огнено” сонце, цртежот станува толку покревок и завршува во тесна скала. Целиот цртеж потсетува на „Вавилонска кула”, но и на мистична лествица. Кле сметал дека интуицијата е длабоката врска на сликарот со тоа „огнено” сонце.

Блокадата е понекогаш дар

Има писатели кои токму преку блокадите ја запознале творечката интуиција за која пишува Паул Кле. Тие знаат дека, кога нивното писмо оди лесно како поток, не се тие самите кои го „водат“, туку творечката интуиција во нив. Како и сликарот, и писателката и писателот, во пишувањето се претвораат во збор и приказна. Тие треба да исчезнат во творечкиот чин, за да се пројават низ нив сите ликови и сите состојби за кои пишуваат. Писателот и писателката стануваат мембрана, низ која трепери зборот и мислата, низ која минува приказната како низ невидливи врати. Доколку тие премногу рационално одбиваат да се повлечат целосно во заднината и да остават „писмото“ да почне да се „запишува“ низ нив, понекогаш се случува да настапи „блокада“, како поука од самото писмо, за преголемото „его“ на авторот или авторката. Тогаш блокадата е дар и творечко сознание, се разбира, доколку се препознае како таква.

Серкако,  многу често причините за писателската блокада лежат во личната биографија на тој што пишува, во неговите интелектални табуа, фиксации и премногу силни литературни авторитети. Кога јас го пишував мојот прв роман со фикционална приказна, „Снегот во Казабланка“, имав среќа да доживеам таква ослободувачка блокада. Иако 1997, ја напишав книгата „Егејци“, таа, сепак, не беше фикционална, туку нешто помеѓу филозофијата и автобиографската проза. До „Снегот во Казабланка“ во мене уште беше присутно интелектуалното табу во македонската социјалистичка филозфија, според кое за филозоф не е достојно да пишува „романи“. За среќа, јас не сум филозоф, туку филозофина. За да  го отфрлам табуто, направив од него  лик во приказната: еден господин „Супереговец“, еден студен судија од романот „Процес“ на Кафка. Тој господин во црн фрак, ѝ шепоти во тилот на Дина Аспрова, младата писателка, кога таа се обидува да ја надмине блокадата, дека незините „писанија“ никогаш нема да бидат генијални, затоа е подобро да ги уништи. Патем, дневниците на Кафка се секогаш добра читачка терапија за „блокираните” писател(к)и.

The post Загатката во „писателската блокада“ appeared first on plusinfo.mk.

Југословенската „хипотека“ и Преспанскиот договор
Знаејќи ја сложената и трагична македонска историја, да си Македонец денес би требало да значи да се поседува чувство за реалност и голема историска мудрост. Во нашево геополитички сложено време, чувството за реалност и здравиот разум помагаат да не се потпадне на популистичките пропаганди и да се знае кои се најважните темели на македонската самобитност: македонската националност, македонскиот јазик и македонската култура. Тие беа изборени во НОБ и изградени во југословенскиот период. Тие беа скапоценото наследство од  Југославија кое по нејзиното распаѓање се заштити со прогласувањето на самостојната  држава, која требаше меѓународно да се легитмира со приемот во ОН. Секако, да не се испречеше блокадата од Грција, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Притоа, Грција имаше долго пријателски односи со Југославија. Меѓутоа, ненадминатите историски трауми и табуизираните историски искуства се како „злиот дух во шишето“. Излегува од него кога ќе дојде погодна историска констелација. Македонското барање за прием во ОН беше за Грција таква констелација. Таа ги потсети ОН дека „поранешната југословенска република Македонија“ е онаа преку која во Граѓанската војна во Грција, Југославија ги помагаше грчките партизани. Грција сметаше дека држава со име Република Македонија на северната граница може да ја загрози нејзината безбедност. Овој приговор се чинеше најирационалниот во „спорот за името“, но тој за Грција беше нејзината ненадмината траума од Граѓанската војна. Зошто ОН ѝ поверува на Грција? Затоа што архивата на ОН е преполна со извештаи на нејзините специјални комисии за вмешаноста на Југославија во Граѓанската војна. Затоа уследи акронимот „ПЈРМ“, кој не беше име, туку опис на состојба од минатото. Тој беше шифра за ненадмината историска траума на двата народа. За Македонците, пак, таа тема беше табуизираната историска  „хипотека“ на Југославија од истата војна. Таа „хипотека“ остана потисната во југословенската јавност затоа што по крајот на Граѓанската војна во 1949-та и во грчкото и во југословенското општество беа табуизирани одредени содржини од нејзината историјата. И тоа токму со силата на меѓудржавните договори за пријателство и соработка!

Гигантски проект на „македонизација“ во Грција

Веднаш по крајот на војната во Грција, 1950, САД направија притисок врз Југославија и Грција да ги обноват дипломатските односи. Тие беа влошени уште од 1945-та, кога Југославија почна јавно да ја поддржува желбата на Македонците во НРМ да се обединат со Македонците од Егејска Македонија. Тој план на почетокот беше поттикнат од Сталин, со идејата за голема балканска федерација. Од 1945-та, не само Тито, туку и други југословенски политичари говорат за правото на Вардарските Македонци да се обединат со своите браќа во Пиринска и Егејска Македонија. Во југословенскиот политички жаргон тие беа Пиринци, Вардарци и Егејци. Кога по Граѓанската војна се табуизираше токму тој план, од тој жаргон остана само името „Егејци“. Како име за македонските бегалци од Грција во Југославија, но често и како стигма и стереотип. Моите роднини првпат го слушнаа тоа име дури кога пребегаа во Југославија.

Југословенската поддршка на ДАГ, во која имаше многу Македонци, кои  грчките комунисти ги викаа „Славо-Македонци“, заврши во 1948-та, по конфликтот на Тито со Сталин во Информбирото. Тито тогаш побара помош од западните сили. САД во 1948 активно се вклучија во борбата на грчката армија против грчките партизани. Германскиот историчар со грчко потекло, Адамантиос Скордос, на врската на „спорот за името“ со ненадминатата траума во грчкото општество од оваа војна го посвети својот обемен докторат. Според него, грчката реакција на осамостојувањето на РМ може „да се разбере само ако се имаат во предвид 40-те години  грчка историска политика, фокусирана врз Граѓанската војна и врз Македонија.“ (Adamantios Skordos,“Griechenlands Makedonische Frage. Bürgerkrieg und Geschichtspolitik im Südosten Europas 1945-1992“, Wallstein Verlag, Göttingen, 2012).

Со посредство на САД, 1950-та, Југославија и Грција воспоставија дипломатски односи. Условот на Грција беше Југославија повеќе да не го споменува македонското малцинство во Грција. Двете земји го „замрзнаа“ тоа прашање. Така 1953 Југославија потпиша договор со Грција и Турција за пријателство и соработка, а една година подоцна и за воена соработка. Во 60-те Белград пак го „одмрзна“ прашањето за македонското малцинство во Грција. Во 1962 се обнови „пријателството“ со “Gentlemen’s Agreement“, потпишан од југословенскиот МНР Коча Поповиќ и грчкиот МНР Евангелос Авероф.

Пак македонското прашање се табуизираше во двете земји. Во воениот режим, во грчкиот наратив за Граѓанската војна ги снемува „славомакедонските партизани“, а војната станува инвазија врз Грција од Северот, од страна на „Словените“. Во исто време во  грчкиот наратив започнува проектот за создавање „Хеленомакедонци“ поврзувајќи го грчкиот дел од Македонија само со царството на Александар. Тогаш во Грција се одиграл гигантски проект на „македонизација“ идентичен со „антиквизацијата“ на Груевски.

Политичкото табу од грчко-југословенските договори важеше додека постоеше Југославија. Само три недели пред Р Македонија да ја прогласи самостојноста, на 27 август 1991, грчкиот МНР Самарас им укажа со „Меморандумот за југословенска Македонија“ на членките на Евроспката заедница дека Тито во Граѓанската војна преку таа република ги помагаше „славомакедонските партизани“. Кога Р Македонија поднесе барање да биде примена во ОН, во јануари 1993-та грчкиот МНР Папаконстантину поднесе  во ОН еден извештај на „Специјалната комисија на ОН за Балкан“, која беше создадена на барање од Грција 1949. Во него на Југославија и на НОФ им се припишуваат експанзионистички намери кон грчкиот дел од Македонија. Со тоа грчката држава можеше да бара разбирање за нејзините стравови од „иредентистичките стремежи“ на Р Македонија. Парадоксално, затоа што Југославија и Грција се трудеа да го сочуваат пријателството, табуизирајќи ја „егејската траума“, Грците и Македонците останаа „невидливи“ едни за други.

Преспански договор – „болен“ и за Грција и за Македонија

Преспанскиот договор ја нуди шансата процесот на запознавање на двата народа конечно да започне. Со јасното разграничување на разбирањето на термините „Македонија“ и „македонски“ за секоја од двете држави и култури, Преспанскиот договор ги почитува реалностите во нив, а не нивните национални митови. Со укажувањето на македонскиот народ, на македонскиот јазик, како дел од јужнословенските јазици, на македонското културно наследство како белези на „втората страна“, на РС Македонија, всушност се набројуваат главните белези на македонскиот идентитет.

Грција со векови не можеше да прифати постоење на Македонци со словенски јазик, зашто за неа Македонците може да имаат само грчки јазик. А Преспанскиот договор го истакнува македонскиот јазик како јазик од групата на јужнословенските јазици. Во таа смисла, Преспанскиот  е удар врз долгата грчка пропаганда против Словените – во своите граници и надвор од нив. Со определбата на македонскиот народ и на македонскиот јазик во Преспанскиот договор, Македонците во Грција добиваат национална, јазична и културна парадигма според која тие можат да го определуваат својот македонски идентитет. Тие сега можат да кажат, јасно и гласно, дека се Македонци како Македонците во РС Македонија. И, на тој начин, да ги бараат своите права како малцинство во Грција. Од траумата на Егејците, кои беа вистинската жртва на Граѓанската војна, сите Македонци би требало конечно да сознаат дека Македонците со словенско потекло од целиот регион Македонија и од целиот Балкан можат да се обединат само во ЕУ.

Преспанскиот договор е „болен“ и за Грција и за Македонија, но така е со сите мировни договори меѓу народи во едно историски конфликтно подрачје како Македонија. Едните ги боли името „Македонија“ во името на соседот, другите придавката „северна“ крај името Македонија. Кога и едните и другите би помислиле дека ниту Р Грција, ниту РС Македонија не ја поседуваат сета територија на историскиот регион Македонија (но, сепак, секоја од нив му припаѓа со исто право!), тогаш тие би почнале да размислуваат како да му ја вратат славата на тој регион како мултинационален и мултијазичен простор.

Затоа мислам дека местото на потпишувањето на Преспанскиот договор не е случајно. Во тој дел на Преспа, во Граѓанската војна имаше „слободна територија на ДАГ“. Преку тие планини во Преспа, егејските бегалци (и моите родители и роднини!) бегаа во НР Македонија. Всушност, со Преспанскиот договор Граѓанската војна конечно заврши. Многумина од потомците на егејските бегалци се убедени дека со Преспанскиот договор биле „предадени“ нашите егејски предци. Напротив, сега постоењето на нивниот и нашиот мајчин јазик, македонскиот, кој за нив во Грција беше забранет, го потврдува еден меѓународен договор, потпишан со посредство на ОН.

Според европскиот модел за проверка на учебниците, но и за помирувањето на Македонците и Грците, историјата на Граѓанската војна, но и историјата на нејзиното „табуизирање“ во Југославија и во Грција, треба да биде важна содржина во идните македонски и грчки учебници. И Грците и Македонците треба да се соочат со болното минато, во кое нивната историја била преплетена. Тоа нема да го постигнат доколку уште и двата народа бегаат во историската митологија.

Преспанскиот договор ги присилува Грците да прифатат дека нивните први соседи се Македонци со словенско потекло. Македонците треба да прифатат дека придавката „северна“ во државното име, не го менува ниту името Македонија, ниту името Македонци.

The post Југословенската „хипотека“ и Преспанскиот договор appeared first on plusinfo.mk.

Детството и модерните свадби во природа
Само кога како возрасни се сеќаваме на свадбите во детството, помислуваме дека тие се одиграле за да ни покажат нам, на децата, дека и животот на возрасните е исто толку полн со загадочни ритуали и весели игри, како и детството. Така децата ја доживуваат секоја прослава во фамилијата – како празник и авантура, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Тоа двојно значење на празник и прослава го содржи германскиот збор Familienfest. Секој од нас ја има сочувано во паметење свадбата на некоја тетка или на некој вујко како бескраен празник, во кој како деца сме го доживеале животот како игрива церемонија со радост, музика и танц, во која и возрасните стануваат деца. Свадбите за мене во детството во егејското гето имаа особено силна магија, затоа што тие за детето мигновено го преобразуваа скромниот бегалски свет во бајка, затоа што, од неволја, тие секогаш се славеа на отворено, во дворовите, а на ливадата на соседот-сточар се виеја ората.

Свадбата на внука ми во мојата голема германска фамилија овој викенд неочекувано ме врати во детството. Затоа што се одигра во природа, како свадбите од моето детство. Секако, не од неволја, туку од желба за многу личен стил во свадбената прослава, нашите младенци направија свадба на поранешен земјоделски имот. Венчавката беше среде зелената ливада. Со чудесен поглед врз полиња и шуми, во спокојот на саботното пладне. Коктел-приемот, свечениот ручек и сите многубројни гастрономски и други настани, лежерно се редеа едни по други. Со бавно темпо, за да може секој детал свесно да се доживее. Тоа сугерираше дека совршената свадба мора да биде таков бесконечен празник, во слава на љубовта и на животот. На свадбениот празник и ние, гостите, веднаш го изгубивме чувството за време, со што младенците сакаа да нѐ потсетат дека во среќата на вљубените времето секогаш застанува. Прославата беше во бившата плевна, во помошните простории, во дворовите, верандите и терасите на имотот, околу кои раскошно цутеа рози, лаванди и хортензии.

Една дузина малечки деца везден трчаа наоколу, навистина уверени дека свадбата е само за нив. Особено при првиот ритуал, пуштањето да полетаат во небото на картичките со желби за среќа, врзани за шарени балони. На нашите младенци, надарени за литература и музика, кои сонуваат еден ден да живеат на сличен земјоделски имот во Тоскана, пуштајќи го балонот во небото му посакав да стигне далеку, таму на Југот, каде што на нив чека идната среќа. Да слета во некој тоскански двор, каде што во сенката на верандата ќе седат луѓе што го познаваат овој обичај. И ќе ја испратат картичката назад, на адресата на нашите младенци.

Во тој миг ми стана јасно што било тоа што сме го насетувале како деца во магијата на свадбите. Сознав дека самиот факт на животот е толку полн со таинственост, восхитувачка убавина и длабока смисла, така што тоа го вдахновува човекот на таа блескава полнота да одговори со свои ритуали и со свои симболични церемонии. Сета околна природа стана симбол! Кога природниот простор станува церемонијален, во нашата стишеност почнуваме со восхит да препознаваме во планините на хоризонтот ѕидови од невидлив храм, а зелената трева тогаш е свечен тепих кој, за разлика од црвениот, не зрачи строгост, туку, барем за децата, бескрајна слобода. Додека ние, возрасните, чекавме да се појави невестата и восхитено гледавме во синото небо, среќни што временската прогноза за дожд не се оствари, најмалечките веќе лежеа во тревата помеѓу редовите столови, пред нозете на родителите.

Си помислив, колку лесно забораваме во ова време на сеприсутноста во нашето секојдневие на вестите за војни и зла од сите страни на светот, дека ритуалите со кои ја славиме љубовта, фамилијата, заедништвото и полнотата на животот се токму тој вечен ред, кој е многу посилен и од војните и од сите човечки зла. Љубовта е најголемата сила што ни е дарувана нам, на луѓето, но таа сила се остварува само кога умееме да ги обединиме сите присутни во нашата љубов. Тоа го сторија со нас нашите младенци. Нѐ обединија, правејќи од непознатите гости една голема фамилија. Тој миг на преобразба на животот во љубовта отсекогаш ме восхитувал. Од моето детство во бегалското гето знам дека надежта во кризните времиња секогаш се раѓа од чудото на љубовта. Свадбите во него беа симболите на надежта дека, и покрај војната, траумата и загубата, животот, сепак, продолжува.

Нашите младенци нѐ маѓепсаа сите со силината на својата љубов, со својот сон за заедничкиот живот. Нивната радост беше толку заразна, што верувам дека, за миг, сите ја заборавивме нашата возраст. Сите бевме пак млади, понесени од желбата и копнежот, кои знаат дека за љубовта е сѐ можно. Секако, за да се случи тоа, за младенците е потребна храброст да сведочат за љубовта пред своите гости со сета своја фантазија, како што тоа го сторија нашите. Тогаш ја сознаваме длабочината на Христовите зборови за тајната на брачната љубов, која прави сопружниците да станат едно тело и еден дух. Кај нашите младенци тоа го чувствувавме во секој миг на нивната многу лична свадбена цереминија. Не само затоа што тие ја поседуваат дарбата, чувствата еден за друг да ги изразат во збор и во музика, пишувајќи поема за љубениот и компонирајќи мелодија за љубената. Нивната љубов ние, гостите, ја препознавме во секој детал, од облеката и декорацијата на просторот, па сѐ до изборот на активностите, кои самите ги конципираа и ги остварија со помош на роднините и пријателите. Така тие остварија многу несекојдневни нешта. На пример, одеднаш во дворот да се појави комбето на продавачот на оригинален италијански сладолед, а притоа небото да блеска небаре е навистина на Југот. Мене навистина ми се чинеше дека тој сладоледџија е оној од скопскиот парк или од некое тосканско село. Свадбата беше вистински празник на младоста! А ние, роднините, се чудевме кога од тие до вчера малечки дечиња, пораснаа овие чудесни млади луѓе? И кога ние, роднините, остаревме, исто без да забележиме?

На фамилијарните прослави ме плени атмосферата која ја создаваат децата. Се гледав себеси и моите сестри како седиме на земјата под масите на свадбите, од игривост, но и од здодевност, додека ги гледав малечките девојчиња како трчаат околу масите. А ултимативниот симбол за детската игривост се лулееше среде плевната како престол на фантазијата – лулашката, направена од долга штица, врзана со дебели ортоми врз гредите на високиот таван. На неа постојано седеа и се нишаа две-три дечиња. Во истовреме, додека нивните родители, баби и дедовци во аголот, крај тракторот, се костимираа со комични шапки и со огромни шарени очила за сонце, фотографирајќи се со некој чуден најнов изум на модерната техника. Секако, во Келн не може ниту свадба да помине без карневалски песни, кои овојпат беа во изведба на извонредно музикалната фамилија на зетот.

Додека надвор летната ноќ бавно се спушташе врз светот, во плевната со музиката се помеша чрчорот на птици. Сите се загледавме угоре, кон високиот таван, каде што слетуваа ластовиците во гнездото под ќерамидите. Јас, родена на Југот, ја знам навиката на ластовиците да градат гнезда во плевните. Во тој миг, Југот на моето македонско потекло и Северот на мојот германски живот станаа едно цело, затоа што и мене љубовта ме донесе во германската фамилија. На нашата свадба золва ми, мајката на невестата, имаше единаесет години. Како денес нашата внука, која на лулашката седеше крај братучетката во долгиот невестински фустан, со најубавиот венец од ливадски цветови и тосканска лаванда врз главата. А јас во себе мислев на балонот со честитките, кој сигурно непоколебливо иташе по ѕвезденото италијанско небо, кон тосканското село во кое, можеби, некои други младенци го славеа својот празник на љубовта со големата италијанска фамилија.

The post Детството и модерните свадби во природа appeared first on plusinfo.mk.

Имануел Кант и духот на нашето време
Пред 300 години во Кенигсберг (Königsberg), во Источна Прусија, се роди еден од великаните во филозофијата, Имануел Кант (Immanuel Kant,1724-1804). Тој никогаш не го напушти родниот град, предаваше сиот живот на тамошниот универзитет и со неверојатна акрибија го артикулираше својот гигантски филозoфски систем, пишува Кица Колбе за Дојче веле.

Имануел Кант е големиот просветител. Тој верува дека човекот е автономно суштество, способно да се раководи според својот разум. Секако, доколку има храброст за тоа.

Да учеше човештвото навистина од големите филозофи, особено од Кантовиот прочуен категорички императив, „постапувај само според таа максима, со која ти истовремено можеш да посакаш таа да стане општ закон”, тогаш денес, по три века, барем сите земји во Европа можеа да бидат обединети во ЕУ како еманципирани, слободни и солидарни држави, кои никогаш не му го прават тоа на соседот, што не сакаат тој да им го прави ним. Кант денес би го зачудил фактот што ниту во унијата на европските демократски држави не се надминати националните егоизми, кои и во времето на Кант беа причината за војните. Впрочем, за тоа како да се надминат војните и како да завладее вечен мир меѓу народите тој пишуваше во прочуениот спис „За вечниот мир” („Zum ewigen Frieden“) од 1895-та. Услов за вечниот мир меѓу народите за Кант би било демократското републиканско уредување и космополитската светска политика. За него најголемата катастрофа е војната. Тој сигурно би се разочарал кога би дознал дека и денес, и по катастрофата во Аушвиц, војните се небаре „природната” состојба на човештвото.

Кант пишува во списот „За вечниот мир” дека за да има траен мир, државите не смеат да имаат армија, зашто кој има армија, еден ден ќе започне војна. Според него, разумот повикува на разоружување. Напротив, „модерниот разум” не сака да се откаже од војните и од оружјето. Затоа што политичарите уште луѓето ги гледаат како средство за остварување на својата моќ, а не како самоцел. Ниту една држава не би смеела насилнички да се вмешува во уставот или во владата на друга држава, истакнува Кант во списот за вечниот мир. Каква лекција би им одржал тој денес на членките на ЕУ, особено на оние кои лесно жонглираат со „ветото” за своите национални цели?

Мирот треба да се создава

Мирот за Кант не е природната состојба на човештвото. Мирот треба да се создава. Тој беше уверен дека условот за тоа е граѓанското републиканско уредување. Дека тоа не е доволно ниту за трајниот мир, ниту за солидарни и мирољубиви односи меѓу државите, дури и кога тие се обединети во мирољубиви сојузи, сведочи духот на нашето време. Можеби Кант премногу идеалистички веруваше во силата на умот и разумот во човекот. Дваесет и првиот век потврдува дека желбата за власт, моќта, корупцијата, империјалните соништа на државите се посилни од разумот, а уште повеќе од моралниот закон, за кој Кант веруваше дека е впишан во човековото срце.

А како изгледа нашето време, споредено со етосот на просветителството како еманципаторски процес, за кој Кант говори во списот од 1874-та, „Одговор на прашањето: што е просветителството?” („Beantwortung der Frage: was ist Aufklärung?”)? Првата реченица од овој спис гласи: „просветителство е кога човекот ја напушта својата незрелост за која самиот e виновен”. Според Кант, незрелоста е неспособноста да се ползува својот разум без раководството од некој друг. Таа незрелост се должи на сопствената вина, кога причината за тоа не е недостигот од разум, туку недостигот од храброст да се ползува разумот без помош од некој друг.

„Имај храброст да го ползуваш својот разум е, значи, слоганот на просветителството”, истакнува Кант. Притоа треба да се потсетиме дека германскиот збор „Aufklärung”, е поблиску до латинизмот „еманципација”, што значи, ослободување од зависноста од авторитети кои на човекот не му дозволуваат да постапува според својот разум. Секако, Кант истакнува дека мрзливоста и плашливоста се причините за тоа голем број луѓе да останат во состојбата на незрелост. „Толку е комотно да се биде незрел. Ако имам книга која место мене има разум, еден душегрижник кој место мене има совест, еден лекар кој место мене одлучува за диетата и ткн, тогаш нема потреба самиот да се мачам. Не морам да мислам, кога можам само да платам”, ја опишува Кант состојбата на незрелост, а таа дефиниција е актуелна и ден-денес. Напротив, за вистинското просветителство е потребна слободата сопствениот разум да се изразува во јавната употреба, смета Кант. Тоа значи за него, онака како што еден научник го употребува својот разум пред публиката. Всушност, Кант под просветителство ја претпоставува критичка употреба на разумот, особено со оглед на научните, религиозните и социјалните авторитети. Тој верува дека автономната личност ја ползува слободата која му ја дава сопствениот разум, нештата да не ги прима „здраво-за-готово”, туку прво критички да ги преиспита. Кога се прашува дали тој и неговите современици живеат во просветеното време, одговорот е јасно негативен. Тие живеат во времето кое е процес на ослободување на разумот од сите зависности, зашто само критички мислечкиот човек е способен да ја преземе одговорноста за своите постапки.

Модерните луѓе и слободата

Меѓутоа, дали нашето време е конечно просветено, ослободено од фетиши и стереотипи или е уште во процес на еманципација? И дали тој процес не е нова зависност од нови авторитети и центри на моќ кои луѓето повторно ги прават мрзливи и комотни за авантурата на критичката примена на разумот? Во секој случај, Кант сигурно не ќе можеше да си замисли дека ќе има време во кое луѓето ќе имаат слободен пристап до сите информации, а сепак, порадо ќе им веруваат на авторитетите во „невидливите центри на моќ”, кои ја „препарираат” за нив вистината и им нудат готов поглед на светот, токму затоа што за многу луѓе слободата да се мисли критички и да се преземе одговорноста за своето однесување е „тешка работа”.

Полесно е да се поверува во пропагандните „наративи” или во „теориите на заговор”, затоа што тие светот го прикажуваат во едноставна „црно-бела слика” на пријатели и непријатели. Големиот просветител Кант веројатно би останал вџашен од фактот дека и модерните луѓе не сакаат да ја ползуваат слободата, иако ги имаат сите услови за образование.

Научникот Кант, кој создаде теорија за постанокот на универзумот ( Кант-Лапласовата теорија), ќе беше сигурно збунет пред моќта на виртуелниот свет на невидливата мрежа, која го обвива сиот свет, меѓутоа иако има можност да го понуди секому сето еманципирачко знаење на човештвото, порадо повторно го „заробува” неговиот ум во „мисловните калапи” на идеологијата и на пропагандата. Сознанието на нашето време е дека знаењето и науката, плодовите на разумот и умот, за жал, можат да бидат манипулирани и злоупотребени од моќни идеологии и тоталитарни режими.

Човекот, очигледно, не е во состојба да разликува помеѓу доброто и злото само со силата на разумот. Затоа во рајот стои загадочно дрвото на разликувањето помеѓу доброто и злото. Се‘ би било возможно за разумот, доколку човекот не е подложен на искушенијата на желбите, на копнежите, на утопиите и на пропагандите.

The post Имануел Кант и духот на нашето време appeared first on plusinfo.mk.