Денко Малески, Author at plusinfo.mk

Членство на Македонија во ЕУ за 5 години
Во отсуство на единство меѓу политичките партии, во ОН влеговме раскарани, и, по тоа прашање, останавме такви до ден денешен. Единство не е можно, ми вели претседателот Глигоров, укажувајќи ми на факт од македонската политика со кој никако не можев да се помирам. Но, тој знаеше подобро.

Деновиве, триесет години подоцна, единство кое е потешко од она за влез во ОН ни е потребно повеќе од кога било. Тоа бара од партиите да засукаат ракави и посветено, во годините пред нас, заедно да ја внесат државата во ЕУ. Но единство, се чини, повторно не е можно. Дури и во мигови кога тонеше југословенскиот брод, а животите ни беа загрозени, наместо да се фатиме за кофи и пумпи, почнавме да расчистуваме стари сметки во македонскиот парламент.

Забележувам дека сега, како етаблирана држава во меѓународната заедница и како членка на НАТО, убедени, погрешно, дека „топ не нѐ бие“, повторно расчистуваме стари сметки. Претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи повикуваат на договор меѓу партиите кој ќе произведе единство без кое нема успех за државата, но, се чини, залудно.

Прашањето кое што логично се наметнува е: Што правиме ако, повторно, единство не е возможно? Тогаш сегашната гарнитура на власт треба да турка самата колку што може напред. Па и да изгори во таа политичка битка свесна дека без домашно единство нема ЕУ. За тоа ѝ е потребно мнозинство во парламентот. Ако опозицијата одбие соработка друг пат за власта нема. Може само без битка да ја предаде власта на опозицијата која наивно верува дека самата со мнозинство пратеници добиени на избори ќе го ревидира процесот и ќе се избори за поправеден договор со Бугарија и со ЕУ.

Не знам за друг пример на земја во која политичките партии не успеале да постигнат некаква согласност околу приемот во ЕУ. Не знам за пример во кој власта без соработка со опозицијата успеала да стаса до членство. Зашто, ова не е одлука за влез во ЕУ, туку согласност меѓу партиите за взаемна повеќегодишна соработка до влезот на државата во ЕУ. Се разбира, демократијата е систем кој дава легитимитет на несогласувањето. Но, на политичарите е да знаат до каде ќе одат во таквото несогласување. Има безброј примери во светот на такви кои побргу ќе ја уништат својата земја отколку да попуштат. И спротивно.

Зошто не би си поставиле цел да влеземе во ЕУ за пет години наместо постојано да се обесхрабруваме со прогнози од дваесет или педесет години? Иако политиката не е сѐ, сѐ е политика во ЕУ. Последниот говор на германскиот канцелар Олаф Шолц кажува дека променетата геополитика после руската агресија врз Украина наложува ширење на Унијата и јакнење на нејзината безбедносна компонента визави руската опасност. Ако се покажеме успешни во реформите, новата политичка состојба во Европа може драстично да ги намали временските интервали неопходни за членство и повторно да ја активира брзата лента за прием.

Но, и за тоа да се случи, неопходно е единство на целта меѓу власта и опозицијата во Македонија. Колега професор од Бугарија ми ја опишува тогашната атмосфера во бугарскиот парламент, кога Симеон Сакскобурготски, како премиер, ја внесе државата во ЕУ за пет години. Партиите, вели, решија членството во ЕУ да им биде најважен приоритет. Се договорија сите да бидат присутни во парламентот на сите гласања, никој да не се разболи и никој да не умре. И види чудо: никој не се разболе и никој не умре.

The post Членство на Македонија во ЕУ за 5 години appeared first on plusinfo.mk.

Времето како лек во односите меѓу Македонија и Бугарија
Пред Мирот од Вествалија од 1648 година, Европа, цело столетие, ја пустошле религиозни војни. На пршањето зошто запрале војните и што е прочината за потпишувањето на мирот кој го означи раѓањето на модерната држава во која владетелот ја определувал религијата, науката има еден интересен одговор.

Тој не звучи ни малку „научно“ и гласи: веројатно, на луѓето им дошло преку глава од војни и заклучиле дека во животот има и попаметни работи од взаемно убивање.

Столетија подоцна, на почетокот од деведесеттите, додека, на универзитетот Колумбија, траеше конференцијата посветена на новата суверена држава Република Македонија, по улиците на Њујорк се бркаа претставници на македонската и на грчката дијаспора, а учесниците на конференцијата ги евакуираа преку пожарникарските скали.

Во 2010, на конференција со иста тема, „Македонија“, во истите простории на универзитетот, атмосферата беше полна со разбирање и толеранција. Но, и дваесет години беа малку. Требаше да поминат уште осум години , за, во 2018, дефинитивно да се постигне договорот во Преспа.

После безмалку триесет години „војување“, беше постигнат „мир“ меѓу двете држави кој, до денешен ден, ја нема поддршката на мнозинството граѓани од двете страни на границата.

Но, демократското урердување во Македонија и Грција, со повремена смена на власта по пат на избори, произведе две политички гарнитури со иста цел.

Тие, во даден меѓународен контекст на обновен ривалитет меѓу Америка и Русија, смогнаа сили да му се спротистават на мнозинството и да повлечат напред, кон мир и соработка, со членство на нашата држава во НАТО. Македонија, сега Северна Македонија и Грција најдоа попаметни работи од перманентна конфронтација и постигнаа компромис.

Така ќе биде и со Бугарија. Ќе се соочиме со вистините и ќе најдеме попаметни работи од расправиите за минатото кое, и онака, не може да се промени, за разлика од сегашноста.

Компромисот за отпочнување на преговорите со ЕУ, „францускиот предлог“, повторно не е поддржан од мнозинството граѓани од двете страни на границата, но демократскиот процес произведе политичари кои заедно со големите сили, во дадени меѓународни околности обележани од руската агресија врз Украина, постигнаа компромис кој означува почеток на преговорите за членство на РС Македонија во ЕУ.

По бурните три години во кои Бугарија стави вето, а потоа и го повлече, настана затишје, а ние сме на вистинскиот колосек кој води кон Европа. И Унијата направи отстапка од правилото дека не можат да се внесуваат билатерални проблеми во процесот на пристапни преговори за да не стоиме во место и за да не пропаднеме како држава.

Сега треба да внимаваме да не нѐ исфрли од европскиот колосек некаква диверзантска акција, како што е референдумот, на пример. Потребно ни е водство кое на народот ќе му ја објасни важноста од интеграцијата на Македонија во Унијата и посветена активност на политичарите која ќе го расчистува патот до целта. Одлагање на внесувањето на бугарската заедница во Уставот за после парламентарните и претседателските избори во 2024, неколку месеци по завршувањето на скриниг процесот, е лоша идеја.

Тоа би било бегање од проблемот кое ќе отвори нови проблеми. Имено, како и порано, многу зависи од водството.

Новата гарнитура би можела да не врати на слепиот колосек на кој чекавме триесет години.

Почетниот оптимизам за брзо апсолвирање на историските теми меѓу Македонија и Бугарија е зад нас, но првите важни пробиви во таа насока се направени. Како и секогаш и секаде, во оваа почетна фаза најгласни беа националистите од двете страни на границата.

Но, за својата слобода да кажат што мислат се изборија и малкуте либерални умови од двдете страни на границата. Значи, дебата е отпочната а со тоа е скршено едно табу дека за македонско-бугарските односи не се зборува. Во еден свет во кој силните го прават она што можат а слабите она што мораат, одвивањето на разговорите со Бугарија под надзор на ЕУ оди во наш прилог.

Имено, битно е двете држави да негуваат односи на добрососедство и да не ги злоупотребуваат демократските европски механизми за националистички цели. Истото се однесува и за поведението на претставниците на националните малцинства и клубовите кои ги формираат: покрај права кои произлегуваат од европската конвенција, запишана е и обврската правата да се користат за подобрувањето на атмосферата на меѓусебно разбирање, добрососедство, мир и соработка.

Права и обврски, тоа би било во духот на Европа.

The post Времето како лек во односите меѓу Македонија и Бугарија appeared first on plusinfo.mk.

Московски клуб на самоубијци
И ова утро се огласи истакнат претставник на московскиот клуб на самоубици – Димитриј Медведев. Се пофали дека НАТО нема да интервенира дури и ако Русјија фрли нуклеарна бомба врз Украинците. Ова е точно, нема да интервенира. Но, воздржаноста на Западот и во таков случај само кажува дека од другата страна има политичари кои го сочувале разумот и не се спремни без размислување да му пресудат на човештвото. Всушност, мислам дека не би следела автоматска реакција на Западот за почеток на Трета светска војна дури и Русите да фрлат атомска бомба врз членка на НАТО во Источна Европа или на Балтикот. Тоа не зборува за нивната слабост туку за фактот дека, соочени со катаклизма, дури и тогаш разумни луѓе би барале разумен излез од кризата. А што е со колективната безбедност која што произлегува од членот 5 од атлантската повелба на НАТО?

Еве што за темата на колективна безбедност вели науката за меѓународната политика. Природна тенденција на државите, кога ќе се соочат со опасност, е да се групираат против агресорот кој, доколку биде успешен во совладувањето на својата прва жртва , ќе им се сврти и на другите. Доколку се во сојуз, државите ги обврзува начелото на колективната безбедност да и притекнат на помош на жртвата. Во случајот на НАТО сојузот, тоа е запишано во фамозниот член 5 од атлантската повелба. Пред години, во дебата со мојот американски пријател и колега се прашавме дали треба членот 5 да се сфати буквално? Определувајќи се за една мала држава членка на НАТО, тогаш си го поставивме прашањето што ако Русија фрли атомска бомба врз Братислава, Словачка? Дали автоматски следи нуклеарен одговор на останатите членки на НАТО и почеток на Трета светска војна? Заклучивме дека искуството на човештвото со принципот наречен колективна безбедност покажува дека таков автоматизам нема, дури и кога е нешто запишано на хартија. Имено, реалноста покажува дека нема бланко поддршка за потенцијалната жртва на агресија. Политичарот на чело на една држава секогаш сака да има одврзани раце во прагматичното проценување на карактерот на кризата и како таа кореспондира со националниот интерес на неговата земја. Фактот дека државниците не се спремни да ја жртвуваат внимателната анализа на секој конкретен случај за апстрактниот принцип наречен колективна безбедност или член 5, не ги прави неморални како луѓе. Едноставно тоа е така. Оттаму и слабите држави мораат да внимаваат каква меѓународна политика водат и, со своето поведение, да придонесуваат кон светскиот мир. Тоа, накусо, е што вели науката за меѓународната политика.

Преведено на сегашната криза во Украина заклучокот е дека и во случај Русија да фрли нуклеарна бомба врз Украина Западните сили најверојатно нема да почнат со нуклеарни удари фатални по опстанокот на човештвото. За доблесни луѓе кои го сочувале разумот, тоа побргу би можел да биде момент на отрезнување и повлекување од ивицата на нуклеарниот амбис. Но, токму тоа е картата на која играат членовите на московскиот клуб на самоубици. Го знаете тоа поведение од секојдневниот живот кога насилниците нашата пристојност ја изедначуваат со наша слабост, за на крајот да се изненадат дека не било баш така. Е, во тој манир упорниот Медведев повторува:„Морам уште еднаш да потсетам за оние глувите кои само себе се слушаат.Русија има право да користи нуклеарно оружје ако е потребно…И тоа дефинитивно не е блеф“. Американскиот државен секретар Блинкен, пак, ги повикува руските политичари „да престанат да зборуваат глупости за нуклеарна војна“ . Можеби на ум ги има зборовите на Хрушчов кој, своевремено, ќе рече дека после светска нуклеарна војна „живите ќе им завидуваат на мртвите“.

The post Московски клуб на самоубијци appeared first on plusinfo.mk.

Камбаните бијат за војна за Голема Русија
Камбаните бијат за војна за Голема Русија. „Одете храбро да ја извршите својата воена должност. И запомнете, ако умрете за својата земја, ќе бидете со Бога во неговото цраство“, е повикот на поглаварот на Руската православна црква Кирил. Војна за што? Против „нацистичкиот “ режим во Киев? Против обидите на Западот да ја нападне и да ја уништи Русија? Не. Со референдумот кој е во тек во областите во Украина населени со Руси и со одлуката на руската Дума да и даде легитимитет на анексијата, работите стануваат појасни. Како некој кој ја познава таа игра на Балканот, мислам дека би можело да се заклучи дека ова е војна за Голема Русија. Русија во која ќе се соберат сите Руси или онолку колку што е можно. Имено, со распадот на Советскиот сојуз се создаде најголемата дијаспора во светот. Преку ноќ, 30 милиони Руси се најдоа надвор од границите на новата суверена држава – Руската федерација. И додека Милошевиќ веднаш ја почна војната за прецртување на границите на поранешните југословенски републики, идни суверени држави, Јелцин се помири со фактот дека границите на советските републики ќе станат меѓународни граници. Но, тоа не му е по воља на неговиот наследник. Конечно станува појасно за што ламентирал со години Владимир Путин велејќи дека најголемата стратешка грешка на неговата земја е распадот на Советскиот сојуз. Тоа, секако, не било од желбата да живее во демократија со „сто и една нација“, како што велеше тогашната пропаганда покривајќи го фактот дека Русите доминираа врз останатите народи. Путин ламентирал врз судбината на за руското население и териториите на кои живеат. Говорот на Путин во предвечерјето на руската агресија врз Украина, тоа неразбирливо бамбурење над судбината на руската нација и „вештачката“ украинска држава, беше, всушност, неговото оправдување за она што ќе следи: инвазија и одземање територија на една суверена европска држава. Како и секогаш, барабаните на национализмот и на војната удираат во ист ритам.

Како дозволивме да дојде до таква жестока конфронтација помеѓу нуклеарните сили која само што не експлодирала во светска нуклеарна војна? Каде згрешивме? Како активен учесник на Конференцијата за Југославија можам да посведочам за големите очекувања во поглед на мирот и демократијата во Европа, кои завладеаа по победата на Западот во Студената војна. Силата нема место во денешна Европа, ни беше речено на Конференцијата за Југославија од страна на западни политичари и дипломати. Ново на европскиот континент, велеше оваа аргументација, е дека империјалистички сили веќе не наметнуваат решенија, затоа што за прв пат во нашата историја живееме во Европа во која сите држави ги почитуваат принципите на неповредливоста на границите, принципите на демократијата, правата на човекот и слободата. Се разбира,сите ние знаеме дека работите не испаднаа токму така: крвавите етнички војни во Југославија само ја потврдија аргументацијата на реалистичката школа во меѓународната политика, дека силата а не правото е она што е одлучувачко во односите меѓу народите. Наспроти реалноста беше реториката дека дошол крај на историјата, дека либералната демократија дефинитивно ги победи диктатурите, дека правото ќе го оджи меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна и запишан во Повелбата на ОН. Идеалистичката школа повторно доби примат над реалистите во меѓунардоните односи. Но, без реалистичкото учење, како што гледаме, можат да се направат страотни грешки.

Заборавивме на лекцијата на Тукидид кој анализирајќи го текот на војната помеѓу Атина и Спарта, „големите сили“ на своето време им советува на големите сили внимателност во нивно инволвирање на страна на мала град-држава кое би ги вовлекло во воен конфликт што носи повеќе штета од корист и не е во нивен национален интерес. Државниот интерес, самиот опстанок, на двете нуклеарни сили денес, Америка и Русија, упатуваат на нужноста од избегнување на војна меѓу нив, а сепак, по руската агресија и западната поддршка за Украина, настаните како да покажуваат во таа насока. Како моќни морски струи, тие настани влечат кон нуклеарна катастрофа. Имено, Америка и Русија се најдиректно инволвирани во украинаката војна. Русија во прецртување на границите на една суверена европска држава по некакви руски етнички линии, а Америка во одбрана на досегашниот светски поредок кој се темелеше на Повелбата на ОН и на меѓународното право. Но, меѓународното право нема врска со меѓународната политика во која моќта со тенкови гази преку правните пречки. Имено, сеуште важи милениумското начело на Тукидид дека „Силните го прават она што можат а слабите она што мораат“. Но, ако е јасен односот меѓу силните и слабите, што правиме кога ќе се судрат силните кои поседуваат нуклеарно оружје чија употреба би значело крај на човештвото. Вреди ли Америка и ЕУ од една страна и Русија од друга, да отпочнат нуклеарна војна за Украина? Вреди ли за Украина да биде првата жртва на таа војна?

Кога Кенеди во шеесеттите се соочи со кубанската криза, тој направи две работи. Прво, одлучно му покажа на Советскиот сојуз дека е спремен да влезе во нуклеарна војна и објави блокада на островот со американски воени бродови и второ, веднаш побара официјални и приватни патишта за контакт со раководството на СССР за изнаоѓање мирољубиво решение. Како и во кубанската криза, зад завесата на меѓународната политика, би требало да се одвива трескавична потрага по мирно решение на украинската криза.

The post Камбаните бијат за војна за Голема Русија appeared first on plusinfo.mk.

Путин: „Не блефирам“, Западот: Блефираш
Како да се сочува ладнокрвноста и да не се подлегне на стравот и паниката од руската уцена со нуклеарна војна? На почетокот од руската агресија врз Украина уцената беше сите да стојат на страна додека Русија не ги расчисти сметките со „нацистите“ од Киев. Заканата беше засилена со наредба на Путин да се стави на највисока спремност нуклеарниот арсенал на земјата.

Западот беше уценет со светска војна па побрза да изјави дека нема да влезе во војна на страна на Украина. И согласно старото сценаријо на советските интервенции во Источна Европа тоа и ќе се случеше доколку се разбегаше украинското раководство и се предадеше украинската армија.  Но, немаше реприза на настаните од времето на Студената војна кога, зафатени од антисоветски немири, руската армија, во рок од неколку саати, ги прегази Унгарија, Полска и Чехословачка.

Овој пат, триесет години по прогласувањето на својата независност, Украинците собраа доволно храброст и воља да му се спротистават на рускиот агресор определувајќи го така текот на војната. Америка и Западот се соочија со ситуацијата сосема спротивна од минати обиди да ја одбранат демократијата кај народи и влади кои не се спремни да се борат за неа. Украинскиот народ и украинската влада покажаа дека се спремни на жртви за својата слобода.

Америка, ЕУ, НАТО и сите демократски држави застанаа во поддршка на Украинците да ја бранат својата демократија на военото поле. Со правдата на страна на Украина, Западот верува дека ова е моделот за успех.Оттука и силната воена и финансиска поддршка која, очигледно, резултира со успех. Но, сега дилемата на Западот е како да ѝ се помогне на Украина без да им нанесат преголема штета на сопствените држави и народи – од недостиг на руски гас до нуклеарна војна.

Инцијално отфрлајќи ја идејата за мобилизација, Путин денес најави делумна мобилизација на 300.000 војници дел од кои ќе се враќаат дома во црни пластични ќеси. Колку тоа ќе го разбранува јавното мислење во Русија останува да се види, исто како што допрва ќе ги видиме политичките последици по личниот режим на Путин од таквите бранувања. Претпоставка е дека, со ова засилување, Русија ќе се стави во одбрамбена позиција во обид да го сочува земјениот коридор освоен од Украина кој го поврзува Крим со руското копно.

Во меѓувреме, тие региони ќе прогласат независност и припојување кон Русија а руската Дума ќе ја легализира анексијата. Но, Украинците се одлучни да ја повратат својата територија и се спремни на нови жртви. Да се ослободат окупираните територии и да се уништи индустрискиот и воен комплекс на Путин станува заедничка цел меѓу Украина и Западот.

Ако продолжи дотурот на оружје и се одржи високиот морал на Украинците не е исклучена победа на Украина против Русија во војна со конвенционално оружје. Но, тука не е крајот на приказната. Нуклеарните сили поседуваат и нуклеарно оружје. Ставени пред дилемата да признаат пораз и да се повлечат или да фрлат атомска бомба, Американците признаа пораз и се повлекоа од Виетнам и од Авганистан.

Соочени со нескршливиот борбен морал на Јапонците во текот на Втората светска војна и за да ги прекинат американските човечки загуби, Труман нареди нуклеарен напад врз Хирошима и Нагасаки. Дилемите околу одлуката се страшни дури и во услови на светска војна.

Да се донесе денес одлука да се спржи со земјата непријателскиот народ не е лесно. Какви би биле последиците по моралот на руската нација чие водство посегнало по најстрашното оружје на светот е друга тема.

Путин вели „Не блефирам“. Блефираш, му одговара Западот.

The post Путин: „Не блефирам“, Западот: Блефираш appeared first on plusinfo.mk.

Нуклеарен армагедон: Земјата ќе биде запалена а бетонот ќе се топи
„И тогаш западните нации не ќе можат да седат во своите чисти домови, смеејќи се на тоа како внимателно ја ослабуваат Русија преку прокси војна. Се ќе биде во пламен околу нив. Нивниот народ во целост ќе ја собере својата тага. Земјата ќе биде запалена а бетонот ќе се стопи“. Ова не се зборови на некој современ џихадист кој така го чита Куранот туку на Димитриј Медведев, заменикот на Путин во рускиот Совет за безбедност, кој се повикува на Библијата. Од поодамна задолжен за закани и уцени со нуклеарна војна, Медвдев се надмина себеси повикувајќи се на Откровение 9:18 во кое се предупредува: „Од овие три зла, од огнот, од димот и од сулфурот што излегуваа од нивните усти, загина третина од луѓето“. Отсекогаш сум мислел дека да се користат светите книги како повик за војна зборува за состојбата на умот на заканувачот а не за книгите.

Се почна со падот на Берлинскиот ѕид кога Советскиот сојуз ја загуби Студената војна и реши да ја повлече руската моќ од Источна Европа назад во своите национални граници. Како по некој закон на политичката физика, оваа осека на руската моќ од Источна Европа ја следеше плима на моќта на Америка и на Западот кои го пополнија вакумот. Крај на историјата? Дефинитивна победа на либералниот модел на демократијата во врз автократијата? Свет на човекови права? Свет без војни, зашто демократиите не војуваат меѓу себе? Сега знаеме дека тоа зависело од успехот на руските политичари да ја трансформираат својата држава. Услов за модернизација и демократизација на Русија, рече тогаш славниот Солжењицин, е да се ослободи од „потеченото меше“ (underbelly), мислејќи на советските републики. Само така, заклучи тој, Русија ќе може да се доведе во кондиција за економски и политички да се натпреварува со Западот како дел од демократските држави. Но, Владимир Путин, знаеме денес, бил со поинакво мислење, па го прогласи токму растурањето на Советскиот сојуз за најголемата геополитичка грешка. Кога ја наследи власта од Јелцин, Путин, со помош на рускиот авторитарен модел на управување го среди хаосот во земјата и по извесно колебање дали кон членство на Русија во НАТО и кон демократија, се определува за познатиот руски систем на лична власт. Така, тој денес го надмина и Сталин по години на владеење.

Кога Путин, во февруари, ја отпочна агресијата врз Украина, заканата со нуклеарна војна не ги поколеба Америка и ЕУ да почнат сесрдно да ја помагаат Украина со оружје и пари. Алтернативата беше да се остави Русија да ја проголта Украина. Тоа, во меѓународната политика, чие друго име е power politics, знае да биде уште поопасна опција од сегашната која со оружје и со пари го помага отпорот на Украинците. Зашто, кој гарантира дека лесна победа врз Украина би значела мир а не зголемување на руските апетити за нови територии? Таквата политика на попуштање, пак, како што ни покажува историјата, водело кон светска војна. Но за едно нема дилеми: светот се тетерави врз нуклеарната бездна. Нервозата која ја демонстрира Медведев од поддршката на Западот за Украинците покажува дека руската „специјална акција“ не се одвива по план и дека поддршката на Западот вистински ја слабее Русија. Оттаму и страшната закана на Медведев, деновиве, дека Русија нема бескрајно да чека да заслабне туку може прва да удри со нуклеарно оружје. Конечно, воените аналитичари се согласуваат дека единствена шанса за некаков успех на Русија во евентуален нуклеарен конфликт е прва да удри затоа што во спротивно би била збришана од еден сојузнички Западен нуклеарен напад. Ќе има ли нуклеарна војна? Тоа не можеме да го исклучиме. Нуклеарното оружје постои и како закана но и за да се употреби. Нашата надеж дека мирот сепак ќе надвладее е во сознанието дека е многу полесно да се закануваш со нуклеарна војна отколку да почнеш една.

The post Нуклеарен армагедон: Земјата ќе биде запалена а бетонот ќе се топи appeared first on plusinfo.mk.

Човек кој не верува никому и ништо, дури не си верува ни себеси
Ми се случува, во текот на годината, да побараат мислење од мене за радио и ТВ емисии, за весници или портали во Србија и во Босна и Херцеговина. Поретко во Словенија и во Бугарија, каде повремено се преведуваат мои колумни.Одговарам секогаш кога можам. Денес добив на вибер слично барање на кое не можев да одговорам. Го

пренесувам во оригинал, поттикант од искуството на мојот нов познаник инженер Мичо Јанчев кој своевремено, во Југославија, правел мотори за млазни авиони, па укажувајќи на сериозноста на неговата работа вели, со поглед под очилата, дека авионите не можат малку да летаат а малку да не летаат.

Македонецот кој, со семејството, до војните живеел во Сараево ми вели дека таму учебната година почнувала со жрепка на која азбука ќе учат децата во школо таа учебна година, кирилица или латиница. Така сите на крајот од

школувањето ги знаеле двете азбуки. Значи еве го писмото што го добив денес:„Dobar dan prof.dr. Denko Maleski. Ja sam Mateja Jerkovic novinar Oslobodjenja. Jeste li u prilici da se kratko cujemo zbog telefonske izjave?Zeljela bi dobiti Vas komentar na Strateski forum koji se odrzava na Bledu.Prema program, rijec je o svim aktuelnim dogadjanjima u Evropi I svijetu, a u popodnevnim satima ce biti govora I od Zapadnom Balkanu, prosirenju EU. Koliki je znacaj

razgovora Severnoj Makedoniji I Bosni I Hercegovini u konkretnom slucaju? Verujete li da ce napori S.Makedonije konecno biti nagradjeni? Sta se desava sa BiH? Koliko su nama otvorena vrata EU?Nadam se da mi mozete pomoci. Hvala vam mnogo. Lijep pozdrav iz Sarajeva “.

Останав занемен. Сфатив дека јас едноставно не располагам со информации за дневниот ред и текот и дебатите на Форумот за да можам да дадам компетентен одговор. Редовно читам ама можеби, сепак, сум пропуштил нешто во нашиот информативен простор? Се враќам назад на претходни вести: има информации за говор на Лајен, на

Сијарто, за средби на Османи кои сум ги видел, но нема вистинска информација за овој толку важен стратешки дијалог кој ги засега нашите животи.

Кој да ни ги даде тие информации? За лондонски Гардијан или за Њујорк тајмс тоа не се ургентни теми. Ова се наши теми. За нив е потребен напор на нашите редакции, некои од кои, знам, едвај врзуваат крај со крај. Но, исти лоши информации добиваме и од убаво финансирани медиумски куќи.

Понекогаш помислувам дека уредниците намерно ја саботираат Европската унија и го компромитираат нашиот тежок пат кон Европа. Зошто? Па, лути на животот, на власта, на платите, на Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија, лути се на се што е против Македонија од нивните соништа. Можно ли е затоа да нема информации за стратешкиуот форум на Блед? Ех, да ме прашаше новинарката од Сараево за судбината на оној несреќник со погрешно поствениот дрен по екстракција на заб, се ќе можев да кажам во детали.

Каква е вистинската штета од ваквото новинарство? Одговорот е: деморализиран народ. Каков е тој народ? Волтер Липман одговара: „Деморализиран народ е оној во кој поединецот станал изолиран и е жртва на сопстевните сомнежи. Тој не верува никому и ништо, дури не си верува ниту себеси. Не верува во ништо освен во најлошото во секого и во се. Кај себе гледа само конфузија, а кај другите заговор. Тоа е паника. Тоа е распаѓање.

Тоа се случува кога во некакви вонредни околности од нивните животи, луѓето ќе се најдат без поддршка на јасни убедувања кои ги трансцедентираат нивните непосредни и лични желби“. Вреди малку да се замислиме над овие зборови.

The post Човек кој не верува никому и ништо, дури не си верува ни себеси appeared first on plusinfo.mk.

100 интелектуалци
Кога, на почетокот од деведесеттите, новата независна македонска држава го усвои знамето од Вергина за свој национален симбол, Жак Делор, на состанок во Луксембург ми рече дека во наредните неколку месеци Грција воено ќе ја нападне Македонија. Се уверил во тоа лично од посетата на пограничните места и разговорот со локалното население. Во подготовка за таа војна, милионипол Грци на улиците на Солун и Атина веќе скандираа дека Македонија е грчка. Би се случило ли ова меѓу две скандинавски држави, да се скараат за некаков историски симбол, реторички го прашува претседателот Глигоров Торвалд Столтенберг, министерот за надворешни на Норвешка  во посета на Скопје, и добива изненадувачки одговор. Да, и скандинавските народи бурно би реагирале на присвојување на национални симболи на друг народ. Новата македонска држава во меѓународните односи ја научи една од своите први лекции: дека мора да ги зема предвид интересите , па и чувствата на соседите кога носи политички одлуки. А, нашите интереси и нашите чувства? Ева, како новодојденци на меѓународната сцена, за да бидеме вистински прифатени во меѓународното општество на држави мораме да се прилагодуваме. Така диктира македонскиот државен интерес зашто примарната задача на оние кои ја управуваат државата секојдневно е безбедноста и благосостојбата на граѓаните. Другите, како поетите, писателите, научниците и историчарите ја немаат одговорноста да стават „леб и путер“ на масите на граѓаните, па можат да и пркосат на реалностите на меѓународна политика колку што сакаат.

Безбедност за земјата и „леб и путер“ на масите на граѓаните немало и нема вон од евроатлантските процеси. Македонската држава, слаба по моќ, без излез на море и со комплексна етничка композиција, нема алтернатива.Или ќе успее на тој пат кон европска интеграција или ќе ја нема како држава. Е, дури тогаш ќе нема ни нација, ни идентитет, ни јазик. Затоа, не доведувајќи ја во прашање слободата на историското истражување, македоснката политика, со Преспанскиот договор, мораше да се откаже од еден од  историските наративи, оној за врската помеѓу античките Македонци и денешните Македонци. Еднодеценискиот обид на владата на ВМРО-ДПМНЕ и на тогашниот претседател на државата да го промовира овој наратив како државна политика и да ги постават  темелите на македонскиот идентитет на територија која соседот Грција ја смета за свое културно наследство заврши со тотално фијаско. Отпорот дојде како од Грција така и од политичарите на Запад образовани на универзитетите дека древна Македонија и древните  Македонци се дел од хеленскиот а не словенскиот свет.

Ни се повторува ли истото во спорот со Бугарија? Во една работа секако: Северна Македонија, новодојденецот во меѓународното општество на суверени држави повторно мора да се прилагодува за да опстане. Само што идентитетската тема во случајот со Бугарија е многу потешка од онаа со Грција. Бугарскиот национален наратив, со исклучок на „предавничкиот“ период на Георги Димитров, смета дека Македонците не постојат како нација и дека се, всушност, Бугари а нивниот јазик е западно- бугарски дијалект. Во 1990, и Желев, тогашниот претседател ќе напише: „Ние имаме заедничка историја.Заеднички јазик , заедничка религија… Кај огромниот број Бугари и кај нашите историчари преовладува идејата дека Македонија не е нација во вистинска смисла на зборот. Меѓутоа, во политичка смисла ние не можеме да си дозволиме да им наметнеме идентитет на Македонците. Тие имаат право самите да си го изберат – тоа е најважното демократско право на поединецот“.

Исто со Грција е и тоа што под притисок на базичниот интерес да опстане во новите времиња, македонската државна политиката ја притиска научната мисла да дојде до компромис околу заедничкото и посебнто. За нас, со акцент на посебното, на сегашноста и на иднината. Овој пат во прашање е средновековието па се до модерните времиња и создавањето на македонската држава и прогласувањето на македонскиата нација во 1944 година. Споредено со „ампутацијата“ на античка Македонија од историјата на модерна Македонија, бугарско-македонската тема е „операција на мозок“. Историската комисија ќе продолжи со својата работа и не чека соочување со непријатни и болни сознанија во процесот на помирувањето на историските митови со историските факти. Кај Македонците за почит кон заедничката историја, а кај Бугарите за почит кон посебноста на македонскиот народ и јазик.  Во таа смисла, можеме да бидеме задоволни или не со содржината на усвоените  формулации на историската комисија, но она што ми остави впечаток е заложбата на историчарите од двете земји кон она што се нарекува научна историска вистина или како што стои во одредницата за цар Самуил, ставот на „поголемиот дел од историската наука“ во светот. Тоа значи дека и во иднина европската и светската историска мисла ќе бидат критериумот кои ќе го размрсува ова историско балканско клопче. На мислење сум дека, за успехот на овој македонско-бугарски дијалог, е нужно да ги шириме хоризонтите кон дострелите на светската политичка мисла и историографија за да не останеме дел од една локална балканска кавга.

Еве како. На пример, не треба да паднеме во замката на наддавање колку Кирил и Методиј се Македонци или Бугари и колку е нашата а колку бугарската заслуга за ширењето на словенската писменост и на христијанството меѓу словените на Балканот и во Европа. Јас, прво што би им кажал на учениците е дека секаде во Европа цивилизацијата се ширела од вибрантните богати приморски градови, центри на култура и на трговија  на бреговите, кон внатрешноста. Дека таков  центар бил Солун од кој, кон внатрешноста на Балканот, се проектира писменоста и христијанската религија. Дека за тоа дело се задолжени двајца византиски службеници Кирил и Методиј кои со помош на грчките слова, на грчката азбука, го кодифицираат јазикот на словените и преку описменувањето ги христијанизираат. Кирил и Методиј службеници на Византија? Да. Така зборува и пишува една модерна секуларна научна мисла. Фактот дека подоцна овие личности биле прогласени за светци од страна на црквата не го оправдува митологизирање на една реалност од средновековната историја за денешни политички потреби. Монтипајтоновски ми е кога бугарските и македонските политичари и интелектуалци се обраќаат со зборовите „светите браќа“ и пак „светите браќа“, како да рецитираат молитва. Молитвите се за во црква или за лична утеха. Нам ни требаат прости и строги  историски факти. Византија како голема и моќна средновековна држава сака, преку описменувањето и христијанизирањето на паганското население,  да воспсотави своја политичка и културна доминација.Подоцна, прифаќањето на христијанството за државна религија од страна на Бугарија значи и продолжување на делото на Кирил и Методиј но и промовирањето на сопствениот државен интерес визави моќниот ривал Византија. И така натаму и на тоа слично.

Лесно е да си полемичен ама тешко е да си конструктивен. Тоа треба да го разберат и накострешените и назабени критичари на процесот на помирување меѓу двете држави и двата народи кои „со индигнација“ ги отфрлаат обидите на актуелната власт и на историската комисија за решавање на проблем кој е од животно значење за македонската држава

The post 100 интелектуалци   appeared first on plusinfo.mk.

Причините за една војна
„Сè уште не знаеме што ни се случи во 2001“, е рефрен кој, во Македонија, со неподнослива леснотија го повторуваат политичари и интелектуалци, од кои, сепак, се очекува да знаат. Во меѓувреме, навистина не знаејќи што ни се случи во 2001, една сосема нова генерација ученици и студенти, со чувство на загубено достоинство, протестираат по улиците на македонските градови.Тоа чувство нема да исчезне додека тие не ја осознаат вистината. Оваа анализа е уште еден мој обид во таа насока.

Политичката литература која последнава деценија го истражува искуството на дваесет и двете држави кои настанаа со распаѓањето на Советскиот Сојуз, Југославија и Чехословачка, доаѓа до корисни генерални сознанија. Една од нив е дека изборот на несоодветна стратегија на градење на држава и градење на нација во услови на демократија, може да го постави целото општество на погрешен колосек. Хуан Линц и Алфред Степан, долгогодишни истражувачи на демократијата во светѕот, прават една корисна шема за односите меѓу државата, нацијата (или нациите) и демократијата. Изборот на стратегија за градење држава и градење нација во услови на демократија, заклучуваат тие, зависи од конкретната ситуација во која што се наоѓа државата. Ситуацијата, пак, зависи од присуството на други нации на државната територија, покрај титуларната нација.Така, ситуација прва: ако не постои друга нација, лесно се консолидира демократска нација-држава, со мнозински систем на одлучување. Ситуација втора: кога на територијата на државата, покрај титуларната има и друга нација, демократската нација-држава е можна ако другата нација не е национално разбудена. Ситуација трета: кога другата нација е национално разбудена, тоа произведува конфликт, правејќи ја демократијата тешка, иако не и неостварлива.Демократска консолидација е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем, а државата се движи кон мултинационална држава. Ситуација четврта: кога покрај титуларната нација постои нација која е милитантна, тоа генерира толку многу конфликт или репресија што ја прави демократската консолидација крајно неизвесна. Имено, ваквата држава ќе биде изложена на силни притисоци за територијално раздвојување особено ако е можна територијална демаркација помеѓу етничките групи. Во такви услови можно е раздвојување и воспоставување демократски систем во двете држави. Доколку не постои територијална основа за етничкото раздвојување, мирниот „развод“ е невозможен, а продолжената милитантност не дозволува консолидација на демократијата.

Ситуацијата на која најмногу личи Македонија во 1991 е Ситуација три. А, сепак, Уставот од 1991 година ја избра Ситуација еден, поставувајќи ја Македонија на погрешен пат на демократска транзиција. Можеме да најдеме бројни оправдувања зошто се определивме токму за мнозинскиот систем на граѓанска демократија: од стравот за сопствениот опстанок, па до подивеаните национализми кои ја раскинуваа југословенската федерација долж етничките линии. Но, избирајќи ја погрешната стратегија, не само што не ја унапредивме демократијата во Македонија, туку, десет години подоцна, завршиме едно скалило подолу на споменатата листа на ситуации – со милитантна Албанска нација,со воен конфликт и барања за цепење на државата долж етничи линии.Имено, во 1991 се определивме за стратегија која е карактеристична за држава во која покрај титуларната, не постои друга нација . Согласно ваквата логика – самите си го изгласавме уставот. Така, нашите политички водачи ја испратија пораката дека Македонија е на етничките Македонци зашто секоја држава треба да тежнее да стане нација-држава, а секоја нација треба да стане држава. Тоа некогаш и можело да се прогласи, и, како во Франција во деветнаесеттиот век,да се реализира во практиката.Имено, Француската држава, водена од јакобинската идеја за „нација една и неделива“,преку координирана политика во образованието, јавните служби и војската,систематски го потисна и го елиминира мултилингвизмот и мултикултурализмот во земјата.Денес, на почетокот на дваесет и првиот век во Европа, таквата политика е однапред осудена на неуспех.

Во деценијата по прогласувањето на Уставот добивме потврда за уште една научна аксиома во политиката – дека, во услови на слобода, решавањето на правичен начин на релацијата „полис-демос“, или „држава-народ“, мора да му претходи на обликувањето на демократските институции. Зашто, демократска држава е можна само ако, како држава, има легитимитет во очите на сите нејзини составни делови. Во спротивно, нема демократска држава. Во случајот на Македонија, Уставот, за да биде прифатен, требаше да исполни една исклучително тешка задача – да конструира правичност на релација „држава – народи“! За тоа, пак, беше потребен договoр меѓу „демосите“, кој не се постигна во 1991. Тој недостаток не можеше да биде надминат со „демократија“, зашто, како што предвидува уште еден научен авторитет Роберт Дал, „вредноста на демократскиот процес ја претпоставува правичноста на државата…бидејќи неа не може да ја направи правична демократскиот процес“. Ние Македонците знаевме што е правична држава за нас и концептот го преточивме во уставен текст,кој самите си го изгласавме.Накусо: национална држава на македонскиот народ и права на малцинствата. Но, маките на демократското живеење, маките на живот во слобода за сите , а не само за нас, се огледаат во неопходноста и другите да се прашаат.Тоа не го сторивме.А, кога доминација на Македонците во парламентот, го блокира процесот на артикулација на интересите на Албанците во државната политика,ситуацијата се излеа на улиците. Уставниот систем, кој немаше заштитни механизми за малцинствата,за да може политиката да ги апсорбира нивните барања и да ги преведе во државна политика, се најде во улога на генератор на кризата. Во такви услови, национализмот а не демократијата, станаа „единствената игра во градот“, а гневот и заемната нетрпеливост растеше со секој изминат ден. Македонија зачекори на патот кој водеше до етнички конфликт.Се работеше само за време кога македонскиот национализам ќе биде предизвикан од албанскиот национализам во форма на конфронтација меѓу двете етнички заедници. Тоа ни се случи десет години по донесувањето на Уставот.

Во 2001, под меѓународен притисок и со помош на НАТО, се прекина вооружениот конфликт, а Македонија беше принудена да ја напушти политичката стратегија од 1991 година која што не го издржа тестот на времето.Охридскиот договор ја постави македонската демократија на друг колосек. Се најдовме во Ситуација три на Линц и на Степан која, да се потсетиме уште еднаш, гласи:Кога друга нација е разбудена таа произведува конфликти, правејќи ја демократијата тешка, иако не и неостварлива; демократска консолидација е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем, а државата се движи кон мултиетничка држава. Во основата на новата стратегија е консенсуалната демократија во форма на комбинација на политичкиот либерализам кој почива врз правата на индивидуата и колективните права на народите. Доколку бргу се изгради еден нов консенсуален стил во македонската политика кој успешно ќе се носи со нужноста од деликатно етничко балансирање на сите нивиоа на политичкото одлучување, Македонија би можела да тргне на патот на демократска консолидација. Во спротивно, а тоа го покажуваат искуствата на многу држави, се погласни ќе бидат барањата за територијално раздвојување во форма на федерализација или цепење на земјата.

Проблемот во Македонија денес, е што нема политичко движење кое што безрезерно би ја отфрлило старата и би се идентификувало со новата демократска стратегија. Тоа е логично. Десетте години доминација на на национализмот ја прави стратегијата непопуларна кај Македонскиот народ, а нема политичар на светот кој сака да биде непопуларен. Згора на ова, наметната однадвор,новата демократска стратегија не е резултат на нашата свест. Така, се добива впечаток дека,дури и оние македонски политичари кои го поддржуваат Охридскиот договор, на него не гледаат како на нова страница на демократската историја на државата, туку како на изнудена статистичка операциа која што треба да се истурка до крај. Таквото поведение не може да биде без последици. Зашто, отсуството на визија кај политичарите и кај интелектуалците за една нова демократска Македонија, го отежнува процесот на транзиција, а демократската консолидација ја прави карајно неизвесна. Во меѓувреме, не знаејќи што ни се случи во 2001 година, младата генерација би можела да почне да работи против својата иднина.

(Прв пат објавено во 2004 година)

The post Причините за една војна appeared first on plusinfo.mk.

Чудовишни обвинувања за антисемитизам
Не праќајте ги Евреите во гасни комори по втор пат, ми порачува Виктор Мизрахи, истакнат член на еврејската заедница во Македонија. На листатана прозвани за антисемитизам, во неговото обраќање до Македонците и до македонските граѓани (!?),објавено во Плусинфо, се и премиерот, вицепремиерот, министерот за надворешни работи и уште еден претставник на академската зедница.Читам и не можам да си верувам на очите:„Не горете ја пепелта по втор пат. Не менувајте ја историјата за да постигнете ваши политички или материјални цели. Кој ќе ја заборави историјата нема да постои. А вашите политички цели нема да се исполнат. Македонскиот народ нема да го заборави ниту да го прости ова“.

Чудовишни обвинувања за антисемитизам. Дали вреди да се одговара на овој говор на омраза? Неволно почнувам да типкам по тастатурата на компјутерот. Веќе од поодамна, одрекувањето на Холокаустот е кривично дело во демократските држави. Но,  кривично дело е и лажното обвинување за антисемитизам. Кога би покренал таков судски процес, Виктор Мизрахи, без било какво сомневање, би одговарал за навреда на човек чие срце, како со шајка, е закован за трагедијата на Холокаустот. Зашто, она што Г-дин Мизрахи ќе го најде во моите текстови, книги, изјави во тек на целата моја кариера е дека антифашистичката борба е темелот на модерната македонска држава.

Како што ни покажаа бесмислените лутања по антиката и средниот век, без делото на партизанската генерација, меѓу кои имаше и Евреи, наши семејни пријатели, тонеме  длабоко. На тој фундамент стоиме или паѓаме како нација, јазик и држава. Да ја менуваме таа историја значи да се откажеме од самите себеси.  Во таа смисла судбината, самиот наш  опстанок, е нераскинливо врзана и за сеќавањето за погромот направен врз македонските Евреи  од страна на Германија и Бугарија. Од таа вистина никогаш нема да отстапиме и заедно со прогресивна Бугарија ќе го добиеме заслуженото извинување за страшната судбина на нашите сограѓани.

И тоа, убеден сум, ќе биде епилогот од разговорите со соседите во текот на преговорите за членство во ЕУ. Поинаку и не може да биде во демократска и антифашистичка Европа денес. Зашто, соочувањето со Холокаустот значи и учење на лекции од толеранција, почит кон другиот, разбирање, трпение, борба против демонизација, сознанието дека Холокаустот не почнала со гасни комори туку со зборови на омраза. Сето ова, низ дијалог, ќе го апсолвираат политичките претставници на македонскиот и бугарскиот народ, во не така далечната иднина.

Инаку, растен во семејсто на партизанка од Хрватска и партизан од Македонија, не само што добро сум ги научил лекциите од минатото, туку сум свесен и за современите форми на антисемитизам, национализам, ксенофобија и омраза. Всушност, тоа е основната причина што во изминативе триесет години независност, од времето кога почнаа војните во Југославија, сум бил многу пати незаслужено навредуван. Но, на оваа навреда за антисемитизам ѝ нема рамна. Затоа, и сега, како и секогаш кога сум зборувал, пишувал и предавал на студентите  за Холокаустот, чувствувам понизност и болка пред најголемата трагедија во историјата на човештвото.

The post Чудовишни обвинувања за антисемитизам appeared first on plusinfo.mk.