• 28 јуни 2016
  • Вести денес: 132

Ден Дончев е поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, долгогодишен колумнист, економски аналитичар... Иако подолго време живее во Австралија, тој е активен дел од политичките збиднувања во Македонија. На протестите на Мартин Нешковски застана како родител, како човек што во секој момент е подготвен да се спротивстави на „адвокатите на ѓаволот“, како што ги нарекува послушниците на Груевски. Годинава јавноста го слушна неговиот глас во телефонски разговор, во кој се зборува за продажба на Македонска банка, но и за исплата во кеш на 1,5 милиони евра.

Како поранешен генерален секретар во ВМРО-ДПМНЕ припаѓавте на оваа партија, но сепак заминавте. Како гледате кон таа одлука од денешен аспект?

- Оттогаш до денес поминаа многу години, но сепак бев и останав конзистентен критичар и опозиционер на политиката на Никола Груевски. Горд сум на моето политичко дејствување од периодот кога бев генерален секретар во веќе далечната 2004 година до враќањето во Австралија при крајот на 2011 година. На политичката сцена бев активен како пратеник од ВМРО-Народна од 2006 до 2008 година, редовен колумнист и критичар во неколку весници, како и истакнат активист во структурите на Обединети за Македонија од 2009 до 2011 година.

Денес со гордост можам да кажам дека бев меѓу првите опозиционери кој го сфати „вистинското“ лице на тие неколкумина меѓусебно испреплетени од самиот врв на денешното ВМРО-ДПМНЕ. На сите што ме познаваат, но и себеси, потврдив дека сите мои постапки од моментот на напуштање на позицијата генерален секретар па до денес биле правилни.

Дали чувствувате разочараност од Вашите сопартијци?

- Воопшто не сум разочарaн од „падобранците“ што влетаа во ВМРО-ДПМНЕ по 2004 година и во изминативе девет години беа во самата врхушка на партијата и на државата. Снимките од „Вистината за Македонија“ јасно покажуваaт дека тие свесно прифатиле да бидат слепи слуги на фамилијата. Разочаран сум од неколкумина сопартијци од далечната 1998 година, кога како тогашен шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со нив ентузијастички и неуморно работевме за прва, вистинска демократска промена на власта во Македонија. Во тоа и успеавме. Тие луѓе тогаш веруваа во демократија, слободна пазарна економија, слобода на говор, владеење на правото, дебата, слободни медиуми, независно судство и евроатлантска перспектива. Денес истите тие ги гледам како „адвокати на ѓаволот“, кои се обидуваат да го бранат тоа што едноставно не може да се брани! Појавувајќи се на режимски прес-конференции на разни режимски весници и медиуми, се откажаа од секоја вредност и идеологија за која своевремено се боревме.

Ве изненади ли она што можеше да се слушне во таканаречените „бомби“ на Заев за поткупувањата, митата, провизиите, избирачките списоци, изборите....?

- Да, секако! Не знам дали постои разумен човек што може да не биде изненаден и шокиран од содржините на тие снимки. Но за мене, лично, најшокантни беа снимките за Мартин Нешковски. Како татко на три деца, уште во 2011 година бев присутен на протестите за Мартин. Вистинската трагедија и болка секако е на семејството на настраданото момче. Но секој родител требаше да се стави во нивна ситуација и да се запраша: што ако тоа беше моето дете? Kога ги слушав снимките за случајот на Мартин Нешковски, буквално не можев да се соземам и да сфатам како една Гордана Јанкулоска, која до пред 2004 година ја гледав како мирна и верна асистентка на Груевски, може вака несоодветно да реагира на грозоморниот чин.
Впрочем, најголемото изненадување од таканаречените „бомби“ е леснотијата со која врхушката на власт се однесува нечовечки кон човечки судбини како во случајот на Љубе Бошкоски. Шокантен е и обемот и степенот до кој оваа гарнитура на власт директно е инволвирана во огромни криминални зделки.


СЈО БЕЗ СТРАВ ОД НИКОЈ, БЕЗ УСЛУГА КОН КОЈ БИЛО


Очекувате ли специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со својот тим, во вистинска смисла на зборот, да ги земе во свои раце сите предадени досиеја, односно да има правна разрешница за наводите за криминал?

- Не познавам случај во историјата на човештвото, кој имал ваков обем на разоткривање криминал на власта. Ова е поголемо и од аферата „Вотергејт“ кога падна американскиот претседател Никсон. Формирањето на Специјалното јавно обвинителство, и покрај сите досегашни опструкции, дава огромна надеж дека ќе има правна разрешница за наводите за криминал. Катица Јанева и нејзиниот тим имаат привилегија и одговорност да го започнат враќањето на владеењето на правото во Република Македонија. Во интерес на секој наш граѓанин е да успеат. Треба да се свесни дека историјата ќе биде нивниот најголем судија. Единствена моја желба и надеж како граѓанин е Специјалното јавно обвинителство да работи без страв од никого и без услуга кон кој било!

Во 2014 година, првата „бомба“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се телефонски разговори за случајот „Македонска банка“, во кои наводно Груевски преку Вас ја договара продажбата со контроверзниот српски бизнисмен газда Нини за кеш од 1,5 милиони евра. Обвинителството не отвори истрага за случајот, а Груевски поведе граѓанска парница против Заев и доби отштета од 50.000 евра. Ако судот Ве повикаше да сведочите, дали бевте тогаш спремни за исказ?

- Секако дека ќе сведочев, ама знаете дека судот не дозволи. Одлуката на судот Заев да плати оштета од 50.000 евра за клевета, многу јасно покажа до кое ниво Груевски може да контролира судски процеси. Тоа е ниво на апсурдност и фарса. Подоцна, преку „Вистината за Македонија“ се покажа дека судската постапка во случајот „Македонска банка“ било детска играчка во споредба со други манипулации што ги правеле во судството. Интересно е што судот беше многу експедитивен при донесување на првичната пресуда против Заев, а одлуката од Апелација за неговата жалба со месеци чека. Јавно се прашувам: Да не случајно се чека да поминат изборите?

Дали очекувате и Вие да бидете повикани од Катица Јанева?

- Не сум сигурен дали Специјалното јавно обвинителство ќе го отвори овој предмет, бидејќи Зврлевски веќе го отфрли. Главно дело што би произлегло од „Македонска банка“ е дали е платен данок кон државата за 1,5 милион евра, данок што требало да се исплати во готово. Околу 300.000 евра данок на добивка требало да се уплатат кон Управата за јавни приходи. Лицемерно е молчењето на власта, кога за многу помали прекршоци луѓе лежат во затвор и плаќаат баснословни казни.

Во јавноста веќе потврдивте дека гласот на снимките бил Ваш. Стравувате ли истрагата да биде насочена и кон Вас, како инволвиран во аферата, а не само како сведок?

- Воопшто не стравувам. Единствено можно кривично дело во продажбата на Македонска банка е даночна евазија. Не е мое да утврдувам дали соодветниот данок на добивка бил платен кон државата. Мојата улога беше консултант и преговарач, постапувајќи по инструкциите на Никола Груевски. Не сум имал никаква директна или индиректна контрола врз кој било од акционерите ниту, пак, имав каков било финансиски бенефит или интерес од самата продажба. Инаку, многу брзо по продажбата на „Македонска банка“ јас заминав од ВМРО-ДПМНЕ, не согласувајќи се со многу нешта од начинот на работа на Никола Груевски.


КРИМИНАЛОТ ВО ТЕЛЕКОМ


Јавноста Ве памети и како директор на „Македонски телеком“ и тоа во оние клучни моменти, до неговата продажба во 2001 година. Како гледате на обелоденетото сведочење на поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, објавено од страна на судот во Њујорк, а според кое во периодот од 2004 до 2006 година се вршел поткуп на видни политичари и се споменува исплатена сума од 4,8 милиони евра на Владо Бучковски, Али Ахмети и на Муса Џафери, како и други износи што ги имало во документи според кои практично се спроведувала шемата на поткупот?

- Немам сомнеж дека сведочењето на Богоевски е базирано врз факти со кои располагал. Судскиот случај произлезе од Американската комисија за хартии од вредност, која освен сведочењето на Богоевски, располагала и со други материјални докази. Инаку, Богоевски посочува износ за поткуп од 10 милиони евра, од кои 2,5 милиони евра биле за Сашо Мијалков, а за главни актери при примањето на поткуп ги посочува Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери.
Но, во овој огромен скандал, за мене не помалку важна е и улогата на Никола Груевски. Тој лично раководеше со процесот на приватизацијата на „Македонски телекомуникации“ во 2001 година, ги носеше сите клучни одлуки при продажбата и е потписник на сите клучни договори во име на Република Македонија.

Најклучниот договор што Груевски тогаш го потпиша, беше таканаречениот Акт на обврзување. Со тоа ја обврза Република Македонија да гарантира монопол на „МАТАВ“ како стратешки инвеститор во „Македонски телекомуникации“ до 31 декември 2004. Фактот што македонскиот пазар на телекомуникации не се либерализира на 1 јануари 2005, се должи на одложувањето на новиот закон за телекомуникации, нов интерконекциски договор и регулативата за ефикасен протокол за пренос на броеви. Со примање пари од „Македонски телекомуникации“ во партиската фирма „Аналитико“, Никола Груевски свесно или несвесно си дозволил да стане дел од овој поткуп. Со овој чин, тогашниот опозиционер Груевски практично го премолчал фактот што нема либерализација од 1 јануари 2005. Така продолжи периодот на монопол за неколку години подолго од законски загарантираниот период обезбеден во Актот на обврзување. Овој акт е потпишан од самиот Груевски на 15 јануари 2001 година.

Македонските институции немаа реакција за овој случај?

- Имаме апсурдна ситуација. За поткуп на македонски политичари, во Њујоршкиот суд се води постапка започната уште во 2008 година, против тројца поранешни извршни директори на „МАТАВ“, а македонските институции упорно молчат. За оваа апсурдна ситуација Богоевски дава одговор дека уште во 2008 година одредени посредници од Грција исплатиле 2,5 милиони евра на Сашо Мијалков за да се спречи судска постапка во Македонија против одредени лица од Грција, вработени во „Македонски телекомуникации“. Всушност, овие лица, по налог на тројцата извршни директори од „МАТАВ“, биле одговорни за обезбедување на средствата за поткуп од „Македонски телекомуникации“ преку фирми во Кипар. Со самото стопирање на истрага од страна на македонските институции за овој случај, не само што се поштедени овие лица од Грција што тогаш работеле во Македонија, туку всушност се поштедени и Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери.

 

 

 

ЕКОНОМИЈАТА НА ГРУЕВСКИ Е КУЛА ОД КАРТИ!


Пред да се иселите од земјава, во јавноста се јавувавте како економски аналитичар. Како денеска гледате на македонската економија, на податоците за економскиот раст што е меѓу највисоките во Европа?

- Мој заклучок е дека просечниот граѓанин сепак е свесен дека не живее значително подобро од пред девет години. Но, разочаран од долгата и мачна транзиција и слабите економски резултати пред времето на владеење на Груевски, многу често ќе слушневме признавање дека личната економска состојба на луѓето не е нешто којзнае колку подобра, ама овие барем прават и градат нешто. Значи, успехот на оваа власт е што преку визуелни проекти како „Скопје 2014“ успеа да ги убеди мнозинството на граѓаните во лажниот мит дека во државата има голем економски напредок. Преку деноноќна пропаганда наметнаа мислење дека економскиот раст во Македонија е меѓу највисоките во Европа. Ова, всушност, се лажни митови за економските успеси на Груевски.

А каква е македонската економска реалност? Напредуваме, стоиме или назадуваме?

- Реалноста е поинаква и многу потешка да биде презентирана на граѓаните на едноставен начин. Споредбата на стапката на економски раст со други држави во Европа е логична само доколку мериме слична економија по големина и слична популација како Македонија. Бидејќи јаболко не може да се споредува со лубеница, ниту глувче со слон.

Еве зошто. Реалната стапка на економскиот раст на Македонија во 2014 изнесуваше 3,5 посто. Тоа е двојно повеќе од стапката на реалниот економски раст на Германија од 1,6 насто. Дали ова значи дека Груевски беше двојно поуспешен од Меркел во менаџирањето на економијата? Дали македонските граѓани заработија двојно повеќе пари од германските?

На почетокот од 2014 македонското бруто-домашно производство (БДП) изнесуваше околу 4.000 евра по глава на жител, а германското БДП изнесуваше 34.400 евра по глава на жител. Во 2014 година реалната компонента на македонскиот БДП се зголеми за 3,5 проценти, односно за само 140 евра по глава на жител. За споредба, реалната компонента на германскиот БДП се зголеми за само 1,6 проценти, односно за 550 евра по глава на жител.

Значи, на крајот на годината просечниот жител на Германија го подобрил својот реален економски стандард за 550 евра на годишно ниво. Во истата година, просечниот жител на Македонија го подобрил својот реален економски стандард за само 140 евра на годишно ниво. Ете тоа е највисоката стапка во Европа на македонскиот реален економски раст!
За времето на Груевски, од 2007 до 2014 година, просечната годишна стапка на реалниот економски раст во Македонија изнесува само 2,9 проценти. За споредба, оваа стапка од 2003 до 2006 година изнесуваше 4,2 проценти. Проблематично е што овој раст е постигнат во голема мера преку зголемувањето на буџетскиот дефицит просечно за 2,5 проценти секоја година. Буџетскиот дефицит во периодот од 2003 до 2006 година изнесуваше само 0,3 проценти годишно. Притоа, за осум години надворешниот девизен долг од само 2,5 милијарди евра е зголемен на повеќе од 6,4 милијарди евра. Ако не беше ваквото задолжување и буџетски дефицит, стапката на економски раст ќе беше уште пониска од скромните 2,9 посто.

Ова покажува дека приватниот сектор на македонската економија речиси не мрднал од место од аспект на придонес кон зголемувањето на бруто-домашното производство од крајот на 2006 година.

Всушност, македонската економија под Груевски е кула од карти. За жал, ќе треба уште некое време да помине пред тоа секому да му стане јасно.

Вистински ли се владините бројки за намалување на невработеноста?

- Намалувањето на невработеноста можеби е успех за Груевски и за власта, ама е пораз за Македонија. Намалувањето не се должи на вработување на тие луѓе на продуктивни работни места во македонската економија. Трагичната вистина е што во последните десет години имаме масовен егзодус на млади луѓе од Македонија, кои се иселија низ светот во потрага на достоинствен живот. Трајно изгубивме повеќе важни економски фактори - од потрошувачка моќ до демографски пораст на населението.

Факт е дека во Македонија дојдоа поголем број странски компании со свои капацитети во слободните економски зони. За дел од економистите, ова значи само воспоставување неоколонијализам, кој не носи реален економски раст. Како гледате на овие странски инвестиции?

- Секоја странска инвестиција, која има нето-бенефит за државата и вработува македонски граѓани, е добредојдена. Но голем дел од странските инвестиции со кои ова влада се краси, всушност додаваат многу мала додадена вредност за македонската економија. Груевски всушност падна во стапица, која во економијата се нарекува „трка кон дното“.
Владината теза е: Дојдете и инвестирајте во Македонија, бидејќи имаме најниски плати во Европа! Кога Груевски дојде на власт, просечната плата во Кина беше пониска од таа во Македонија. Денес просечната плата во Кина е повисока од таа во нашата држава. Државата, а со тоа по дефиниција и нејзините граѓани, може да стане побогата само преку поголема стапка на реалниот економски раст. Ако привлекуваме странски инвестиции што многу малку придонесуваат кон зголемувањето на економскиот раст, всушност учествуваме во таа трка кон дното.

Последниве години државата направи големи трошоци и многу реклами во потрага по странски инвестиции, а резултатите не се посебно спектакуларни. Нема ниту официјален податок колку пари даваме за тие странски инвестиции да дојдат.
Фактите покажуваат дека просечниот годишен прилив на директни странски инвестиции за периодот 2003-2006 изнесуваше 170 милиони евра по година, додека за периодот 2007-2014 изнесува 260 милиони евра по година. Меѓутоа како просечен процент од бруто-домашното производство по година, приливот на директни странски инвестиции за периодот 2003-2006 година изнесуваше 4 проценти од БДП додека за периодот 2007-2014 година изнесува само 3,7 проценти од БДП.

Сметате ли дека е загрижувачи податокот за надворешниот долг? Вкупниот надворешен долг, јавниот и приватниот, и тоа според последните податоци од Народната банка пред да влезат парите од последната еврообврзница, е 70,8 проценти од бруто-домашниот производ, а само јавниот долг е 43,9 проценти од БДП.

- Како што спомнав, македонската економија под Груевски последните осум години наликува на кула од карти. Наглото зголемување на просечната стапка на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5 проценти од БДП годишно, во последните осум години, генерално се финансираше преку зголемување на надворешниот девизен долг. Како резултат, јавниот надворешен девизен долг во тој период се зголеми од 1,3 милијарди евра на 3,2 милијарди евра денес.

Истовремено, а можеби и позагрижувачки е приватниот надворешен девизен долг. Од 1,2 милијарди евра на крајот на 2006 година се зголеми на 3,2 милијарди евра денес. Огромен дел од оваа зголемување на приватниот девизен долг беше пласиран преку банкарскиот сектор во Македонија во форма на кредити кон домаќинствата. Денес многу ретко можете да најдете домаќинство, било во урбаните или руралните средини, кое нема некаков вид кредит од комерцијалните банки. Дел од овие кредити секако завршија како нови станбени кредити, но огромен дел беа пласирани како потрошувачки кредити. Стравувам дека ситуацијата со потрошувачките кредити пласирани кај домаќинствата е алармантна. Генералното ниво на платите или капацитетот на домаќинствата за сервисирање на тие долгови се на релативно ниско ниво во споредба со огромниот долг.

Имајќи ја предвид структурата на македонската економија, односно огромниот трговски дефицит и зависноста од трансферите од дијаспората, сметам дека веќе ја поминавме црвената линија на надворешното девизно задолжување. Со други зборови, стравувам дека македонската економија веќе нема капацитет да заработува односно да заштедува вишок девизи, кои можат да се користат за да се отплаќа надворешниот девизен долг. Тоа практично се покажа на дело пред два месеца кога Владата беше принудена да издаде нова еврообврзница од 270 милиони евра, 150 милиони од кои беа искористени да се врати еврообврзницата издадена во 2005 година.

Од каде ќе се обезбедат потребните девизи кога огромните суми на државниот долг во наредните пет години ќе доспеат за враќање или, пак, кога приватните пласмани на девизи ќе се повлечат од македонската економија?

Мислите ли дека во Македонија е можно за некој догледен временски период да дојде време кога народот помалку би го мачеле парите и помалку би „бистрел“ политика, а повеќе би се занимавал со своја едукација, со своја надградба на работните места и би имал поквалитетно време за своето семејство?

- Политичката битка кај нас од самата независност па до денес може да се опише како борба што ќе ја крчми економската торта. Сè додека не созрее свеста кај секој граѓанин дека единствената политичка битка што треба да постои е битката околу тоа како да се постигне што поголем раст на економската торта, стравувам дека животниот стандард нема да ни се подобри. Стапката на реалниот економски раст е единствениот начин преку кој може да обезбедиме поголемо парче од економската торта за секого.

Има ли надеж за, како што велите, поголема „економска торта“?

- На Македонија ѝ треба вистински економски бум. Со просечни 2,9 проценти реален економски раст во ерата на Груевски, математички се докажува дека граѓаните може да очекуваат дека дури по 25 години ќе имаат двојно поголем економски стандард од тоа што го имаат денес. Тоа е поразителен математички факт!

За економски „бум“, македонската економија мора да остварува годишна стапка на реален економски раст од најмалку 7 проценти на подолг период. Ако постигнеме услови македонската економија да расте со 7 проценти, граѓаните ќе имаат двојно поголем економски стандард од денешниот по 10 години, а по 20 години нивниот економски стандард би бил четири пати повисок од денешниот.

Кина веќе две децении расте со просечна годишна стапка од над 10 проценти. Естонија, Латвија, Литванија и голем број на земји од Африка и Азија растеа со просечна годишна стапка од над 8 проценти. Всушност, постигнување висока стапка на економски раст е многу полесно за неразвиена економија отколку за развиена и богата економија. Зошто? Бидејќи неразвиената економија има можност да се прилепи, односно да имплементира технологии, пракси, процедури и стандарди кои во развиените економии дошле преку долгорочен и макотрпен процес. Многу е полесно да се имплементира отколку да се креира. Ние треба да станеме добри имплементатори на најдобрите светски практики буквално на секое поле. Во суштина, една земја може да почне нагло да расте, а со тоа и граѓаните да станат нагло побогати, преку нагло зголемување на продуктивноста. По дефиниција, продуктивноста подразбира постигнување што поголем аутпут со истиот или по можност помал инпут! Така нагло расте „економската торта“.

Затоа, единствен критериум по кој треба да се цени успехот или неуспехот на една влада на полето на економијата е постигнатата стапка на реален економски раст. Сè друго буквално е сеење густа магла. А по тој критериум, Никола Груевски и неговата влада прилично добро се снаоѓаат во магла. 

 

разговараше Весна Дамчевска

(Објавено во „Слободен печат“)

 
ОСТАНАТО ОД КОЛУМНИ

Есенва Грујо ќе сее, напролет да жнее

Може ли опозицијата да го спречи валканиот план на диктаторот? Може, но само ако умее, ако сака и ако е решителна.

Oд гoвoр нa oмрaзa дo нaсилствo имa сaмo еден чекoр

Судот и обвинителството востановија феномен на неказнивост, кој создаде правна несигурност кај граѓаните и висок степен на недоверба кон органите надлежни за спроведување на правдата.

Британија е како неверна жена!

Ова е изјава што ја даде францускиот амбасадор во Варшава, во разговорот со американскиот амбасадор Кристофер Хил, на вечерата што ја приредив во македонската амбасада во Варшава, во 2003 година.

Времето работи за СЈО

Договорот од Пржино направи радикални измени во дефинирањето на идниот развој на Република Македонија.

Ако Груевски го наполнат со пари пред избори - пиши пропало!

Опозицијата веднаш да инсистира одлуките за натамошните задолжувања да се донесуваат со консензус. Сите други прашања се помалку важни!

Почетоци

Целата визуелизација на македонските студентски протести 2014/15 имаше некаква „самоправска“ страна – по принципот „направи сам“ – и немаше речиси никакви естетски амбиции.

Порака за Васко Ефтов...

Васко, несреќо македонска или големомакедонска, врати се бе на почетоците и одгледај си ги првите емисии, и акни со глава у ѕид...

Името на злото е Никола Груевски, но Македонија сепак е посилна од злото

Како да се принуди Груевски да отстапи? Ќе го дочекаме ли моментот тој самиот да го стори тоа, свесен дека веќе нема каде?

Селфпичмент на претседателот

Еден ден по дебатата на парламентарците за неговиот импичмент, тој отворено застана против граѓаните, против опозицијата, против СЈО и против претставниците на ЕУ и САД.

Веродостојноста на Големата лага

Сè додека нашата борба за слобода против криминалниот режим на ВМРО-Разбојничка се води со чувства артикулирани од нашата пристојност, Големата лага ќе ја одржува својата первертирана институционална реалност.

НАЈЧИТАНИ